Skip to main content

Голем број повици за помош до Планиската спасителна служба од собирачи на шумски плодови

Главна причина се нестабилните временски услови. Услугите на Планинската спасителна служба која го покрива целиот Југозападен плански регион се бесплатни. Располагаат со опрема и кадар и ги охрабруваат граѓаните да ги користат нивните услуги.

 |   | 

Во мај и јуни голем број на собирачи на шумски плодови бараат помош од Планинската спасителна служба. Дел од нив се дезориентирани, се губат во планина, а дел се повредуваат. Причина честопати е метеоролошката нестабилност, наглото влошување на времето и појава на поројни дождови.

„Според нашата статистика генерално некаде околу 70% од несреќите на кои интервенираме се интервенции врз локално население. Најголем број на територијата на општина Охрид, но и на останатите општини. Иако статистички бројот е помал тоа не значи дека нема несреќи. Најголем број од селата под Јабланица при несреќи населението само се организира и сами си помагаат. Не веруваат во системот, не веруваат дека постојат служби“, вели Антонио Додевски, раководител на ПСС.

Услугите на Планинската спасителна служба која го покрива целиот Југозападен плански регион се бесплатни. Располагаат со опрема и кадар и ги охрабруваат граѓаните да ги користат нивните услуги.

„Ние ги охрабруваме, редовно ги посетуваме. Разговараме со локалното население, слободно да се обратат до нас никому не сме наплатиле тоа го правиме за да им помагаме. Се менуваат состојбите луѓето се повеќе ни веруваат. Од почетокот на годината имаме преку 30 повици на нашиот телефон“,  додава Додевски.

Планинската спасителна служба е финансирана преку проект од Европската унија, но општините Охрид, Струга, Дебарца и Вевчани треба редовно финансиски да ја поддржуваат. До денес ниту една општина од регионот нема издвоено финансии.