Skip to main content

Голем е интересот за почнување со работа на пливачките школи и клубови во Охрид

Протоколите за тренинзите за отворените и затворените базени се познати, но е неизвесно кога базените  ќе почнат со  работа.  Тренинзите почнаа  во скопските базени, во соседна Струга се вршат  уписи за отвореното пливалиште, а охридските пливачки школи и клубови чекаат да им се овозможат услови за работа.    

 |  Валентина Неловска  | 

Пливачите и тренерите по пливање со нетрпение чекаат да почнат со работа отворените базени во Охрид. Спортските работници од пливачката школа Акваспирит се во голема неизвесност дали и кога ќе се отворат двата пливачки базени на СРЦ Билјанини извори. Нивните телефони постојано ѕвонат, а тие немаат одговор на прашањето од младите вљубеници во овој спорт кога ќе почнат новите уписи и тренинзите, вели пливачкиот тренер Славчо Цветкоски од ПШ Акваспирит.

„Има голем интерес за отворање и отпочнување со работа на пливачките школи и клубови посебно во летниот период бидејќи Охрид е хендикепиран во тој поглед и нема покриен пливачки базен“.

 

Цветкоски кажува дека заедно со неговиот колега Миле Јованоски во ПШ Акваспирит, минатата година во летниот период имале над 200 членови. Со 30 надежни и талентирани пливачи континуирано работеле во базени во охридските хотели.

„Би било голема штета да не се продолжи со работа. Ќе падне во вода целиот труд и за членовите, пливачи и за нас тренерите. Со колегата, тренерот Миле Јованоски вложивме многу напори да импровизираме да пливаме и во зимскиот период тренирајќи по хотелските пливачки базени“.

Има добри услови за тренинзи ако се отвори пливачкиот отворен базен во Охрид. Во Скопје пливачите почнаа со работа, а во Струга се вршат уписи на пливалиштето на отворено. Цветкоски вели дека би било добро кај старото градско пристаниште да се ападптира простор и да се направат услови за работа со пливачите. Според протоколите и условите кои ги налага СЗО може да се организираат безбедни тренинзи. Протоколите налагаат мерење на температура, при влез да се држи физичка дистанца, на една патека да пливаат максимум двајца пливачи.

Директорката на СРЦ Билјанини извори, Гордана Јованоска, пак информира дека во моментов не може да ги отворат базените затоа што според препораките на СЗО и Министесрството за здравство во градот нема професионални пливачи и не можат да се обезбедат услови за тренинзи.