Skip to main content

Голем интерес за анализите за детекција и типизација на HPV вирусот во ЦЈЗ Охрид

3 % од сите испитани примероци со најновата апаратура за молекуларна дијагностика во Центарот за јавно здравје Охрид покажале присуство на ХПВ вирусот. Современата опрема во употреба е нецел месец, а веќе секојдневно се прават анализи за кои досега пациентките беа упатувани во други градови или приватни лаборатории. Центарот за јавно здравје Охрид е единствен во регионот на Охрид, Струга и Кичево кој работи типизирање на ХПВ вирус и и определување на кламидија трахоматис инфекции со PCR метода со технологија која претставува врв во дијагностиката во моментов.
 |  Маја Савиќ  | 

За нецел месец колку што е во употреба најновата опрема за молекуларна дијагностика во Центарот за јавно здравје во Охрид, 3 % од сите испитани примероци покажале присуство на ХПВ вирусот додека бројот на позитивни резултати на кламидија е далеку поголем.

Со најновата апаратура и современи методи кои ги обезбеди Центарот за јавно здравје во Охрид, се врши детектирање на присуство на високо ризични типови на хуман папилома вирус, генотипизација на 14 високо ризични типови на вирусот кои се застапени на Балканското подрачје, како и определување на Chlamydia trachomatis инфекции со realtime PCR метода во гинеколошки, цервикални брисеви кај трудници.

Во Центарот за јавно здравје, еден месец откако се стави во функција опремата секојдневно се работат анализи, додека искуствата од другите региони кои имаат ваква апаратура е една анализа неделно.  Ова покажува дека има голема потреба и задоволство ми е што можеме да одговориме на барањата на пациентите, вели директорот на Центарот, Сашо Точков.

„Ги охрабрувам  сите матични доктори гинеколози чии пациенти имаат потреба од  точни, квалитетни, брзи, професионални резултати слободно да се обратат во Центарот за јавно здравје Охрид каде нашиот стручен тим кој помина низ обука  за работа со оваа апаратура Ingenious  ќе можат да ги добијат таквите резултати.“ – изјави Точков.

Зголемен е бројот на пацинтки кои вршат прегледи и ПАП тест и посебно на помлади девојки кои  се интересираат за вакцината и ХПВ вирусот, вели гинекологот Д-р Јасна Митреска изрзувајќи  задоволство поради воведувањето на новата метода во ЦЈЗ Охрид за рано откривање и типизација на ХПВ вирусот којшто е еден од главните причини за појава на карцином на грлото на матката.

„ Досега нашите пациентки беа упатувани по приватни установи за тестирање, а сега во нашиот град ќе може да се вршат испитување преку Фонд за здравство. Претходно мораа да одат до Скопје, Битола или во приватни лаборатории кои се во градов. Да посочам дека на Запад пред неколку години е воведено наместо ПАП тест прво да се прави ХПВ типизација, бидејќи објаснато е дека во 99% од случаите ХПВ вирусот е главна причина за појава на карцином на грлото на матката. Тоа ни претставува и скрининг метода којашто ако се открие ХПВ вирусот на време, се лекува со зајакнување на имунолошкиот систем на организмот, а и многу лесно ни е на нас гинеколозите да ги откриваме тие преканцерози кои се 100% излечливи.“ – вели Д-р Јасна Митреска, гинеколог.

„Во овој регион на Струга, Кичево и Охрид , Центарот за јавно здравје Охрид е единствен во околината којшто има ваква технологија и е достапна на пациентите што претставува врв во дијагностиката, микробиологијата и молекуларната биологија во моментов, а ние како фирма како Биотек групација стоиме позади нив за поддршка и понатамошна соработка.“ – изјави Ана Строимановска, молекуларен биолог – БИОТЕК Групација – Скопје.

Со цел ги направат поблиски можностите и капацитетите на Центарот за јавно здравје Охрид до матичните гинеколози од охридско струшкиот регион, за поефикасен и навремен одговор на потребите на пациентите, денеска во соработка со компанијата Биотек  се одржи презентација за новитетите во молекуларната дијагностика кои се достапни во охридскиот центар.