Голем успех за младите козметички техничари од ОЕМУЦ “Св. Наум Охридски”
Битола беше домаќин на Регионалниот натпревар по шминка, на кој своите вештини ги одмерија млади козметички техничари од повеќе средни училишта.
Во силна конкуренција, ученичката Ресмија Селоска од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ го освои првото место, обезбедувајќи директен пласман на Државниот натпревар што ќе се одржи на 12 мај во Скопје.

Со креативен пристап, прецизна техника и јасна естетска визија, Селоска се издвои меѓу вкупно 12 натпреварувачи кои работеа на тема „Свечена шминка“.

Натпреварот покажа висок квалитет и посветеност кај сите учесници, потврдувајќи го растечкиот интерес и професионализам во оваа област.

На натпреварот учествуваа ученици од СОУ „Таки Даскало“ – Битола, ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ – Охрид и СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп. Од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ учество зедоа четири ученички кои со својот талент, умешност и оригиналност оставија силен впечаток кај жирито и публиката.

–Овој успех претставува уште една потврда дека со посветеност, тимска работа и континуирано вложување во знаењето, младите таленти можат да постигнат врвни резултати. Следниот предизвик за Ресмија Селоска е Државниот натпревар во Скопје, каде ќе има можност повторно да го покаже својот потенцијал и да се бори за нов успех, велат од училиштето.


