Голема посетеност на вториот Фестивал на виното во Охрид
Голем број посетители, охриѓани и туристи, синоќа уживаа во безброј вински вкусови и убава музика во Охрид. Со Вториот Вино Фест симболично се означи и стартот на летната сезона. Повеќе од 25 винарии го промовираа македонското вино кое се вбројува во најубавите во Европа и светот.
„Годинешниот вински фестивал е поголем од минатогодишниот, 25 винарии со многу посериозен пристап на целиот настан и од винариите и од сите нас. И лани може да кажеме дека имавме успешен фестивал, една успешна проба.Се надеваме дека секогаш оваа приказна ќе биде симболично најавување на туристичката сезона. Сакаме да направиме еден вид на интернационален фестивал, бидејки ние сме винска земја и Охрид е правото место, а јуни е правото време”, вели Пане Темов организатор на Вино Фест.
Забавата ја загреваа Баклава, Миле Кузмановски и Дарио. Годинава фокусот беше ставен на домашните вина, но планот е оваа винска приказна да стане белег на Охрид и традиција за градот и винската култура во земјава, но и пошироко.
„Нашата крајна цел е овој фестивал да прерасне во регионален и традиција, работиме на тоа во преговори сме веќе со многу винарии од регионот и од надвор. Се надеваме дека во следните години ќе го достигнеме и тоа. Така да овде сега имаме прекрасни наши вина да дегустираме и многу богата музичка програма”, додава Темов.
Примарна цел на Охридскиот вино фест е да ја збогати туристичката понуда на градот, да ги промовира македонските винарници и нивните вина, со што ги стимулира домашните бизниси и ја поддржува економијата. Во исто време, на посетителите им овозможува да уживаат во врвни домашни вина и квалитетна музика.
Охридскиот вински фестивал, годинава ќе трае три дена.
Вечерва на музичката сцена ќе настапат Брас Брадрс, охридските рокери Бекдор Бенд и Лугер, како и легендарните Нокаут, а на последниот ден во сабота Александар Јосифовски, Фиц енд д инвизиблс (студени нозе грејтест хитс) и Фанк Шуи.
Новинар Соња Рилковска