Големи количини текстил завршуваат на ѓубриште
Еколошки свесните граѓани прашуваат каде треба да се одлага и каде завршува отпадниот текстил. Некои граѓани старата облека ја остваат во најлонски вреќи до контенјерите мислејќи дека на тој начин некој кој има потреба ќе ја земе. Но истата најчесто завршува расфрлана во околината , по улици, и тревници околу станбените објекти. Облеката и ткаенините како отпад на крај завршува на нестандардните депонии. Единствена организација која засега врши реупотреба на текстилот е Црвен крст. Сашо Точков , претседател на ОО ЦК, вели многу често се злоупотребувани како хуманитарна организација и од граѓаните и од луѓето во социјален ризик.
„Се соочуваме со најразлични предизвици. Добиваме донирана облека неупотреблива која треба да ја фрлиме, а потоа ја презема Охридски Комуналец. Имаме проблем и со граѓаните кои ја земаат облеката во количини кои не се за нив. Потоа ги фрлаат или расфрлаат по контејнерите и во близина на црвен крст“, вели Сашо Точков , претседател на ОО ЦК.
Од ЈП Охридски комуналец информираат дека отпадниот текстил од домаќинствата завршува на Мауцкер каде што се покрива и натапкува со земја. Кажуваат дека го подигаат заедно со домашниот комунален отпад. Нема примарна селекција на отпадниот текстил од домовите, а нема нити садови каде што би се одлагал.
Од министерството за животна средина и просторно планирање потврдуваат дека во градовите нема посебни садови за селектирање на текстил. Оваа проблематика не е решена иако законот за управување со отпад од 2004 година го уредува задолжителното селектирање на отпадот од домот, укажува Ана Мазнева Каранфилоска, раководител за селектиран отпад при МЖСПП.
„Проблем е што граѓаните нема каде да го однесат текстилот, нема услови. Обврска беше општините да воспостават собирни центри каде што граѓаните бесплатно ќе можеа да се ослободуваат од различни видови отпад вклучувајќи го и текстилот. Засега, не е воспоставен системот и и од тие причини граѓаните и да селектираат од дома нема каде соодветно да го одложат“, напоменува Мазнева Каранфилоска.
Министерството за животна средина и просторно планирање најавува решение за состојбите. Ред треба да се воведе со новиот Закон за дополнителни текови на отпад во режим на проширување одговорност на производителите. Законот треба да стапи на сила од јануари 2023 година. Со него треба да се регулира начинот на воспоставување на системот за одделно собирање на тековниот отпад , финансирањето на системот, начинот и местото каде ќе заврши отпадот. Во земјава четири компании веќе добиле дозволи за складирање и третман на отпадниот текстил за извезување на преработен или полупреработен отпад.Три компании, пак имаат дозвола за преработка на текстил.