Skip to main content

Голтаме антибиотици како бомбони

Кај 56% од случаите со респираторни проблеми без предходна дополнителна анализа се препишани антибиотици. Тоа го покажува најновото истражување на Здружението на специјалисти по семејна медицина.

 |  Николоска Биљана  | 
antibiotik
антибиотик

simpoziumВо повеќе од половина од сите случаи на респираторни вирусни инфекции непотребно била препишана антибиотска терапија. Ова е загрижувачки податок кој произлегува од  истражување спроведено минатата година со кое биле опфатени 107 доктори од примарна медицинска заштита. Денес во Охрид на Првиот Симпозиум за рационална употреба на антибиотици, беа презентирани резултатите од досега обработени една третина од вкупно 12 000 прашалници со епизоди на акутна респираторна инфекција.  Доктор  Катерина Ставриќ, координаторот на Центарот за семејна медицина нагласи дека симпозиумот се организира во рамки проектот за проценка на нивото на препишување на антибиотици во примарната медицина, од каде треба да излезат препораките, како да се избегне непотребното препишување на антибиотиците, потребата за доедукација на докторите при работата, но и потребата од дополнителни алатки и тестови кои треба да ги обезбеди ФЗОМ кои пак ќе му помогнат на матичниот доктор да донесе правилна одлука и да процени дали е вирусна или бактериска инфекцијата кај пациентот.

„Тоа се брзи тестови докажани со меѓународни студии, како што е стреп тестот кој трае неколку минути, кој кажува дали е или не стрептококна ангина дали треба да се даде антибиотик или не. Тие тестови кај нас ретко се користат бидејќи тие испитувања не се на листата на анализи кои ги признава фондот. Така да тоа пациентите треба приватно да го прават  и затоа треба да укажеме дека од една страна ќе се зголемат трошоците на фондот, а од друга страна за 50% може да се намали препишувањето на антибиотици како што покале некои Европските студии “-потенцира д-р Ставриќ.

Во светот веќе се чуствува тренд на намалување на препишување на антибиотици. Студиите кои биле направени во Европа покажале дека во Југоисточниот дел многу повеќе се препишуваат антибиотици во споредба со нордиските земји како што истакна д-р Жаим Кореира де Соуза.

„Македонија не е ни најлоша ни најдобра земја кога станува збор за истражувањето туку се наоѓ некаде во рамките на земјите на ЈИЕ. Многу е важно ова истражување бидејќи се пропишуваат одредени правила и регулативи кои треба да ги следат докторите“-вели д-р Соуза.

simpoziumДоктор Де Соуза смета дека треба да има соработка помеѓу сите институции во државата за да се изнајде  начин за помалку да се препишуваат антибиотици, што е и основна цел на Светската здравствена организација која води битка со овој проблем. Од словенската докторска фела кажаа дека во нивната земја се порационално се користат антибиотиците. Тоа се должи на задолжителниот курс за едукација за препишување на антибиотици кој треба да го има секој специјализант по семјена медицина, како што кажа доктор Даница Павлиќ Ротар, која доаѓа од катедрата по семејна медицина на Медицинскиот факултет во Љубљана.

„Секој мора да ја анализира својата работа не само за препишување на антибиотици, исто така и за препишување на бензодијазепин и оние лекови кои се многу скапи, така да мора да ја анализира и стручната работа и економскиот ефект“– изјави д-р Ротар.

Последната студија за препишување на антибиотици  била направена во деведесетите години на минатиот век, во еден мал примерок каде биле вклучени 10 доктори. Отогаш па наваму нема ново истражување. Антибиотиците се лекови кои се користат за лекување на бактериски инфекции како што се пневмонија, сепса,туберкулоза, со убивање на бакериите или спречување на нивниот раст.
Антибиотиците немаат ефект врз вирусите и не треба да се употребуваат при вообичаени вирусни инфекции како што се настинките и грипот.
Непотребното и зголемено употребување на антибиотиците ја намалува нивната моќ да делуваат тогаш кога се потребни. Тоа ќе доведе до развивање на резистенција (отпорност) на бактериите кон антибиотикот. Резистенцијата е нормален механизам на заштита на бактериите од дејството на антибиотикот. Со текот на времето, резистенцијата се зголемува и се намалува бројот на ефективни антибиотици.

{loadposition content9}