Skip to main content

Гори депонијата Буково

Во Охрид секојдневно се чувствува чад и смрдеа. Пожарите на депонијата Буково биле подметнати од неовластени лица кои престојуваат таму.

 |   | 

Повторно деновиве гори депонијата Буково. Граѓаните реагираат дека во одредени делови од градот и околината се чувствува смрдеа и чад најчесто навечер, па до раните утрински часови.

Да, се чувствува. Има неколку дена има некоја миризба. Не можеш да отвориш прозори. Чувствуваме мирис на горено, на чад …“ „Депонијата во Буково се чувствува, но во зависност од времето. Со промена на времето слегува чадот. Смета, не смета – мора да се живее. Апел до институциите, веројатно има некои што може да преземат нешто, да се сопре ова.-реагираат граѓаните.

Проблемот со депонијата не е нов, трае веќе 20 години. Од ЈП „Охридски комуналец“ велат дека депонијата е третирана од страна на претпријатието, а дополнително беше ангажирана и приватна фирма. Според директорот на комуналното претпријатие пожарите ги подметнуваат лица кои собираат пластика и престојуваат таму. Затоа директорот на ЈП „Охридски комуналец“ Љупчо Грданоски апелираше на поголема ангажираност од СВР Охрид на терен.

-Доколку сите институции сериозно се зафатиме со оваа работа сметам дека нема да се повтори ова, барем пожарите и загадувањето на животната средина и ова што деновиве се чувствува поготово во самиот центар на градот, чадот што доаѓа од таа депонија. Значи тоа се решава не е некој проблем којшто не може да биде решен во кратко време, меѓутоа за долгорочно решавање на проблемот дефинитивно е отворање на регионална депонија “ истакна Грданоски.

Од Државниот инспекторат за животна средина извршиле надзор пред три недели кога Комуналното претпријатие било задолжено да преземе мерки за спречување на палењето. Контролен надзор е најавен за неделава. Затворање на депонијата Буково до крај на 2020 година е една од препораките на УНЕСКО. Рокот не само што е пробиен туку во догледно време е малку веројатно таму да престане одлагање на комуналниот отпад затоа што нема напредок со проектот за изградба на регионална депонија за општините од југозападниот регион.

 

Новинар : Кристина Алексиеска