Дивата депонија на Мауцкер гори. Од вчера попладне се забележува како се издигаат облаци чад.
Од Јавното претпријатие Охридски комуналец велат дека пожарот е подметнат. Додаваат дека станува збор за мала опожарена површина.
Од ТППЕ Охрид посочуваат дека работат на ликвидирање на опожарената површина која изнесува околу 500 до 600 метри квадратни. Гасењето на запалената депонија го отежнува ветерот.
Инаку, на просторот Муцкер во изминатите неколку години се депонираше комунален отпад и градежен шут од кој се создаде дивата депонија на неколку километри од градот. За депонијата која во моментот гори, градот и државата немаат пари за расчистување. Неодамна од ЛС одговорија дека проценките на количината на депонираниот отпад и потребните средства за расчистување на отпадот покажале дека се работи за огромни количини депониран комунален отпад и градежен шут во износ од околу 40.000 кубни метри. За расчистување на просторот во чија непосредна близина е археолошкиот локалитет Килколопски ѕидини, а на кој требаше да се гради и економска развојна зона се потребни 500.000 евра.