Граѓани револтирани од издавачите на педалинки на „Горица 3“: „Не ни дозволуваат ни пешкир да ставиме, нè бркаат и од водата“

Во рубриката „Ти Си Твојот Град“, граѓани реагираат на состојбата на плажата „Горица 3“, каде, како што велат, посетителите се соочуваат со проблеми при користењето на слободниот простор на плажата.
Според нивните реакции, проблемот се однесува на делот од плажата каде што нема поставено лежалки, но каде што се издаваат педалинки. Граѓаните тврдат дека издавачите ги спречуваат посетителите да се задржуваат на песокот околу реквизитите, на просторот кој е слободен за користење.
„На плажата Горица 3 луѓето секој ден реагираат за педалинките. Не ги оставаат посетителите да застанат на песокот, буквално ги бркаат од местото каде што е слободно за пешкири“, стои во дописот испратен до редакцијата.
Во реакцијата се наведува и дека доаѓа и до расправии меѓу граѓани и издавачите на педалинки, при што, според сведоштвата на граѓаните, од капачи било барано да го напуштат и делот од водата непосредно пред местото каде што се поставени педалинките.
„Денес многу од граѓаните се расправаа со нив, а дрскоста беше и поголема кога ги избркаа капачите и од водата. Дали има некој да води сметка, инспекции или кој и да е надлежен? Ова е страшно“, се вели во реакцијата.
Граѓаните потсетуваат дека брегот и езерото се јавни добра и прашуваат дали и во кој обем се контролира користењето на јавниот простор на охридските плажи, особено на деловите кои се наменети за слободно користење од страна на посетителите.
*Содржините во ТиСиТвојотГрад се ставови, реакции и мислења на граѓани.







