„Госпоѓица Јулија“ ќе го руши митот за „студените“ швеѓани
Воедно покрај претставата на Стриндберг, ќе има и изложба на осум негови уметнички слики во рамките на Охридско лето.
Утревечер Охридско лето ќе му оддаде почит на големиот шведски драматург, Август Стриндберг. Најпрво во 19 часот и 30 минути, во изложбениот салон при Домот на култура, под името „Мисли сам“ ќе бидат изложени осум уметнички слики-репродукции на Стриндберг и фотографии кои тој ги изработил самиот или во соработка со други фотографи.
Чествувањето на Стриндберг продолжува со изведбата на неговата претстава „Госпоѓица Јулија“ која преку својот уметнички допир ќе се обиде да ни ја долови шведската режисерка, сценарист и главен лик во претставата, Ана Петерсон.
„Беше задоволство да се работи со делото во Шведска бидејќи таму е многу познато. Ако прашате некого во Шведска за што станува збор во „Госпоѓица Јулија“, ќе ви речат: „Па таа се самоубива на крајот.“ Но ако ги прашате истите тие швеѓани зошто таа се самоубива, никој не знае зошто. Тоа со време стана прашање за мене се повеќе и повеќе, зошто е тоа така. Што повеќе работев со текстот, се повеќе се прашував зошто е тоа така.“-вели режисерката Ана Петерсон.
Петерсон долго време работела и истражувала за да може да ја изработи „Госпоѓица Јулија“ на вистинскиот начин. Вели: Кога си швеѓанин не е лесно да се работи на оваа претстава. Со цел што поавтентично да се долови вистинската суштина на претставата, камерманот Макс Марклунд со својата камера ќе се наоѓа на самата сцена како дел од претставата.
„Во оваа соработка она што се обидуваме цело време да го направиме е да потенцираме делови, детали од она што се случува на сцената. На пример падовите на карактерите преку работата со камерата. Не да документираме што се случува на сцената туку да потенцираме моменти, детали од самото случување.“-рече камерманот, Макс Марклунд.
Дејствието на претставата се случува помеѓу три ликови, а трите ќе ги игра режисерката Ана Петерсон. Инаку 2012 година од страна на шведската влада е прогласена за година на чествување на Август Стриндберг. Изведбата на „Госпоѓица Јулија“ започнува утревечер, во 21 часот, а место на одигрување ќе биде Малата сала во Центарот за култура „Григор Прличев“.
{loadposition content9}