Skip to main content

Гости од повеќе земји во Градската библиотека

Во посета на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид беа гости учесници на Регионалната смотра на хортикултурни библиотеки.
 |  инфодеск  | 
Библиотека охрид

НУ Библиотека „Григор Прличев“ беше домаќин на гости од Регионалната смотра на хортикултурни библиотеки. Имаше учесници од Хрватска, Србија, Босна, Црна Гора и Албанија.

Претходно во Битола два дена тие имаа прилика да разменат искуства, како и да осмислат понатамошни активности со кои ќе ги унапредат програмите на библиотеките и ќе овозможат ширење на хортикултурната библиотечна мрежа.

Библиотеката „Св. Климент Охридски“ од Битола од 2017 г. активно учествува во промоцијата на хортикултурни библиотеки и со задоволство ја прифати поканата на иницијаторот Мирко С. Марковиќ, библиотекар советник и управител на регионалната мрежа за организација на Регионалната смотра на хортикултурни библиотеки – рече м-р Јелена Петровска, координатор на проектот.

Библиотека охрид

Идејата е следната година во проектот да се вклучат и повеќе библиотеки од државава, меѓу кои и библиотеката од Охрид.

Директорот на охридската библиотека Милчо Јовановски ги запозна гостите со историјатот на установата и животот и делото на патронот Прличев. Јованоски изрази желба за продлабочување на контактите со библиотеките во регионот и вклучување на охридската библиотека во меѓународни проекти.

Концептот се состои во запознавање, користење и практична апликација на знаења и литература од областа на ботаника, како и промовирање на литература од истата област, со што библиотекарите го унапредуваат квалитетот на своите услуги преку поголемо користење на фондовите на библиотеките и обликување на позитивна свест за уредување на работни и животни простори и креирање на нови библиотечни програми – рече Мирко Марковиќ, креаторот на проектот.

Библиотека охрид

Покрај размената на информации и искуства, хортикултурна мрежа на библиотеки од целиот регион ќе биде еден вид „огласна табла“ и „временски распоред“ на редовни и повремени настани.

На тој начин библиотеките стануваат своевиден посредник во изградба на современото и еколошко живеење, овозможувајќи го побрзиот пристап до активности со хортикултурна нота врзани со хортикултурни содржини и промовирање на здрава средина за живеење.