Skip to main content

Ученици од Јахја Кемал гости во ТВМ по повод Светскиот ден на телевизијата

21 ноември се одбележува како Светски ден на телевизијата. Традиционално на овој ден регионалнаата ТВМ секоја година е посетена од ученици од училиштата од регионов. Годинава на гости ни беа 4 то одделенци од училиштето Јахја Кемал. Еве како си поминаа.
 |  инфодеск  | 

Денеска се одбележува Светскиот ден на телевизијата во чест на одржувањето на првиот Светски телевизиски форум во1996 година. Регионалната Телевизија ТВМ традиционално денот го одбележа отворајќи ги своите простории за ученици од охридко струшкиот регион. Годинава на гости во ТВМ беа дечиња од училиштето „Јахја Кемал“ предводени од наставничката Ана Џајкоска.

Четврто одделенците во просториите на телевизијата имаа можност да го видат она со што предходно се запознавале во училишните клупи на креативната работилница посветена на телевезијата. Им беше прикажан целиот процес на продукција на една вест, а на дечињата најинтересно им беше во студиото за ТВМ Дневник каде сите се обидоа да читаат вести како презентери пред камера. Иако на прашањето дали некој од нив сака во иднина да биде новинар или камерман немаше многу потврдни одговори, сепак едногласни дека сакаат да бидат пред камера и дека гледаат телевизија.

21 ноември е прогласен како Светски ден на телевизијата со резолуција на Генералното собрание на Обединетите нации во март 1996 година како признавање на нејзината улога во обезбедувањето информации, едуцирањето, промовирањето на слободата на изразување, толеранцијата, отвореноста за изразување на различните култури.

Целта на Светскиот ден на телевизијата е да се зголеми свеста за влијанието што телевизијата го има во градењето ставови кај публиката и улогата во свртување на вниманието кон важни прашања во општеството.

И покрај огромниот подем на интернетот и социјалните мрежи, телевизијата се уште се смета за највлијателен медиум. Според последните истражувања дури 98% од домаќинставата поседуваат барем по еден телевизор и гледаат скоро секојдневно телевизија.

Телевизија ТВМ е една од првите приватни локални ТВ станици во Македонија, која започна да зрачи сигнал во етерот на 26-ти јануари 1992 година, а со Одлуката на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од 2014г. прерасна во Регионална телевизија и започна со емитување на својот сигнал во Full HD технологија на територија на општините Охрид, Струга, Дебрца и Вевчани. ТВМ е првата приватна телевизија во Македонија која во 2009-та година започна со реализација и емитување на специјална информативна програма за лица со оштетен слух.