Skip to main content

Градоначалниците Пецаков и Ќура на средба со врвот на УНЕСКО

Пецаков: Работиме на долгорочна и одржлива заштита која ќе го зачува статусот на Охридскиот Регион на Листата на светско наследство. Охрид бил и ќе остане светски!
 |  инфодеск  |  ,

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, денес и вчера беше дел од државната делегација на клучни средби во седиштето на УНЕСКО во Париз, што претставува значаен чекор за иднината на Охридскиот Регион. За првпат во историјата, градоначалник на Охрид оствари директна средба со Генералниот директор на УНЕСКО, г-дин Калед Ел-Енанис, а покрај средбата со Генералниот директор, делегацијата оствари средби и со претседателот на 43-тата Генерална конференција на УНЕСКО, Конгкер Мохамад Талха, и претседателот на Извршниот одбор на УНЕСКО, Насер бин Хамад Ал Хинзаб.

-Како татко на градот, моја должност е гласот на Охрид да се слушне директно таму каде што се носат одлуките за светското наследство. На средбата јасно ги пренесов нашите позиции: 1. Дека Охрид е наш врвен приоритет и заедно во тесна соработка со Владата, остануваме целосно посветени на спроведување на препораките за заштита. 2. Работиме на долгорочна и одржлива заштита која ќе го зачува статусот на Охридскиот Регион на Листата на светско наследство. 3. Ја истакнавме подготвеноста за продолжување на соработката со Република Албанија, бидејќи езерото бара заеднички пристап, изјави градоначалникот Пецаков.

Како дел од делегацијата беше и градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура.

-Општина Струга ја потврди својата подготвеност да продолжи со активно и конструктивно учество, давајќи продуктивен придонес во процесите поврзани со заштитата и одржливото управување со заедничкото наследство, изјави Ќура.

На средбата, покрај градоначалниците на Охрид и Струга, присуствуваа и вицепремиереот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков и министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа.