Кој ќе биде кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО ДПМНЕ?
Општинскиот изборен штаб на ВМРО ДПМНЕ веќе работи на предизборната кампања. Се е подготвено за локалните избори.
Остануваат уште три дена за аплицирање за кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО ДПМНЕ. До први септември треба да бидат поднесени апликациите по што следува нивно разгледување од Извршниот комитет, а оние кои ќе влезат во најтесниот круг ќе имаат разговор во четири очи со претседателот на партијата, Никола Груевски. Многу имиња се вртат како можни кандидати за првата фотеља во Охрид, но четворица од нив се најсигурни, вели претседателот на Општинската организација на ВМРО ДПМНЕ, Атанаско Михаилов. Тој не сакаше да открие за кого точно станува збор, но меѓу охриѓани најмногу се споменуваат имињата на пратениците Александар Николовски и Харалампие Шокаровски. Михаилов го запрашавме дали и тој претендира да стане прв човек на градов. Тој вели дека досега нема аплицирано, а и сериозно размислува дали да го стори тоа.
Михаилов вели дека дури после први ноември ќе може поконкретно да се каже кој ќе биде кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО ДПМНЕ. Инаку партијата е целосно подготвена за избори. Формиран е и Општинскиот изборен штаб кој веќе работи на предизборната кампања.
Локалните избори сеуште не се распишани, но по сите најави најверојатно ќе имаме жешка изборна пролет. Ова се шести локални избори од осамостојувањето на Македонија. Во изминатите пет мандати градоначалници на Охрид беа Благоја Силјаноски, Никола Матлиески- Пашата, Никола Наумоски и два мандати актуелниот Александар Петрески кој и по трет пат ќе ја трча градоначалничката трка.
{loadposition content9}