Градоначалникот Бакрачески пазареше за сиромашните
Денес, градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески и директорите на јавните претпријатија, се вклучија во одбележувањето на “Неделата на борба против гладта“. Тие купија производи за 70 хуманитарни пакети кои од страна на Црвен крст Охрид ќе бидат распределени на наши сограѓани од ранливата категорија.
Градоначалникот Никола Бакрачески пазареше и донираше за сиромашните. Традиционално и годинава во рамки на одбележувањето на “Неделата на борба против гладта“, градоначалникот, претставници од Општината и директорите на охридските Јавни претпријатија со купување трајни прехранбени производи и средства за лична хигиена се вклучија во акцијата што Локалната ја реализира заедно со Црвен Крст Охрид, а се однесува на донирање прехранбени пакети за социјално загрозените семејства од градов. Бакрачески истакна дека целта е да се подигне свесноста кај населението во Охрид за солидаризирање и поттикнување на хуманите вредности во делот на помош на семејствата кои се социјално загрозени.
„Општина Охрид постојано е вклучена во вакви активности, ова е само еден мал дел од активностите кои што ние ги спроведуваме во текот на целата година за справување со гладта или за помош на социјално ранливите категории во Охрид. Знаете дека во соработка со Црвениот Крст имаме редовна комуникација и тогаш кога се наложува потреба за помош на некои семејства интервентно помагаме, досега тоа сме го направиле со неколку охридски семејства во смисла на донирање на помош на основни животни намирници, прехрамбени продукти или за одредени семејства и еднократна парична помош“.
Бакрачески истакна дека редовно ги реализираат програмите, како што е онаа за субвенционирање на комуналните давачки кон ЈП во висина на 600 ден каде се опфатени 236 семејства, тука е и стипендирањето на студентите или учениците во Охрид, како и помошта која ја даваат за природни катастрофи како што е поплава, пожар и т н.
Претседателот на Црвениот Крст од Охрид Сашо Точко изрази благодарност кон општина Охрид, со чија помош и соработка секоја година се реализирала собирната акција од ваков карактер. Точко потсетува дека акцијата сеуште трае.
„Отворени сме да ги примиме сите барања и потреби на оние кои што можат да донираат сакаат а не можат да ги достават или на било кој начин технички да помогнеме. А секако дека во текот на оваа недела, се реализираа и неколку дистрибуции на прехрамбени производи, имавме вчера со Лајонс Десарети, тоа ќе го направиме со општина Охрид во петок, затоа што општината покрај оваа солидаризација со Црвениот Крст со најранливите категориии обезбеди средства за 70 хуманитарни пакети кои штоќе бидат поделени петок пред седиштето на Црвениот Крст, се надевам дека оваа година ќе имаме поголем број на хуманитарни пакети затоа што иако се надевав минатата година дека бројката ќе е помала од оние кои што имаат потреба.“
Од Црвениот крст Охрид ги повикуваат и охрабруваат нашите сограѓани, фирми, институции, здруженија, секој според можностите да се вклучи во хуманитарната собирна акција за Неделата на борба против гладта.