Градот ќе става ред во хаосот со паркирањето на туристичките автобуси во центарот
Туристите ќе се симнуваат и качуваат во автобус на улицата Кузман Јосифоски Питу во близина на информатичкиот факултет. На улицата кеј Македонија пак, до хотелите, ќе биде забрането движење на автобусите, а гостите ќе се носат со мали автобуси кои ќе се задржуваат на одредени места.
Пред стартот на летната туристичка сезона градот ќе става ред во хаосот со паркирањето на туристичките автобуси во централното градско подрачје. Градоначалникот Константин Георгиески и одделението за сообраќај при ЛС бараат најефикасно решение заедно со полицијата, хотелиерите и туристичките оператори за да се среди овој сегмент во сообраќајот. Предлагаат туристите кои доаѓаат во Охрид со автобуски превоз да се симнуваат и качуваат во центарот на градот на паркингот кај информатичкиот факултет. ЈП Билјанини извори кое стопанисува со паркинзите ќе го отстапи тој простор каде што може да се паркираат 3 автобуси во ист момент. Автобусите ќе може да се здржуваат 15 минути, а потоа ќе се упатуваат на паркингот во близина на СРЦ Билјанини извори, инфромира Гордана Јованоска, директор на ЈП Билјанини извори.
„Сите досегашни анализи покажуваат дека 30 автобуси во текот на денот доаѓаат во централното градско подрачје. Тој капацитет го имаме во СРЦ Билјанини извори, каде што автобусите ќе останат 24 часа со обезбеден надзор од нашите вработени. Останите автобуси се надвор од централното градско подрачје по хотелските објекти и нема да имаме никаков проблем“, вели Јованоска.
Повеќе нема да има дозволено пракирање и задржување на автобусите пред хотелските објекти на улицата кеј Македонија. До хотелите гостите ќе пристигаат или заминуваат со мали автобуси кои ќе се задржуваат на одредени места, вели Јованоска.
Сите гости ќе се носат со мали автобуси, а не како досега со големи. Од аеродром до хотелите гостите ќе се носат со мали автобуси кој ќе застануваат на 2-3 пункта кој ќе ги одредиме на Кеј Македонија. За слегување и качување гостите ќе имаат време од 15 минути“, вели Јованоска.
Летниот сообраќаен режим ќе биде наскоро ставен на дневен ред на седница на Советот на град Охрид. Со предлозите со кои треба да се стави ред во сообраќајниот застој на улиците кој многу често го предизвикуваат туристичките автобуси согласност има од туроператорите, од агенциите, од сопствениците на угостителските објекти. Сите се за ред со кој ќе стави крај на непотребната нервоза кај граѓаните и учесниците во сообраќајот која се предизвикува од туристичките автобуси.