Градските татковци ќе го подобруваат имиџот на Охрид
Пет точки на дневниот ред на состанокот за градски татковци за подобрување на имиџот на Охрид.
19 те членови на Локалниот економски совет денеска дискутираа за изнаоѓање можности за корекција на цените во угостителските објекти, со што би се подобрил имиџот на Охрид како туристичка дестинација, потоа за подготовките за изработката на физибилити студија за изградба на скијачки центар на планината Галичица, излагање на членовите на советот за нивните визии околу економскиот развој на Охрид, поголема промоција на Охридскиот пливачки маратон и разгледување на иницијативата за возобновување на Светиклиментовиот универзитет.
Првиот човек на Охрид градоначалникот Никола Бакрачески смeта дека треба да се изнајде можност за намалување на цените на угостителските услуги, затоа што овој имиџ кој во моментов го гради Охрид како град со многу скапи услуги, не му оди во прилог на никого.
„Искрено да ви кажам мое лично мислење дека цените се нешто повисоки комплетно во сите не само за кафе баровите рестораните , хотелите. Од тие причини јас денеска го свикувам советот на градски татковци каде ќе побарам размислувања. Има и професионалци во таа област кои ќе го кажат своето мислење. Сметам дека имиџот на охрид во овој поглед е многу лош. Јавноста и потенцијалните туристи сметаат дека угостителските услуги во Охрид се прескапи“, истакна градоначалникот Никола Бакрачески.
Актуелниот претседател на Стопанската комора на Македонија и член на Локалниот економски совет- Совет на градски татковци Бранко Азески пак смета дека во Охрид сеуште постои неразвиена туристичка понуда, но дека тоа не се должи на високите цени, туку на слабата инфраструктура.
„Охрид и онака е инфраструктурно слепо црево. Ние уште не сакаме да ја признаеме конкурентноста што настана во воседните земји, Албанија, Бугарија, Грција. Кога тоа ќе го признаеме ќе ја разрешиме целата ситуација. Јас од оваа позиција ќе се залагам за вистинските решнија. Првото што треба да го направиме за развој на туризмот е да ја решиме патната инфраструктура. Кога ќе се реши инфраструктурата ќе се зголеми и конкурентноста. Мојот став е дека треба да се работи Охрид да биде поврзан од сите страни, да ја искористи компаративната предносна точка што се наоѓа на границата со две други соседни држави и сето тоа да донесе поголема конкурентност на услугите кои што ќе ги намалат цените и ќе јазголемат нашата конкурентност“, истакна Азески.
Азески додава дека ние сме мала држава, Охрид е мал град и дека не ни требаат мегаломанштини, туку треба да се почне изградбата на автопатското решение, макар тоа да биде и до Мешеишта, за да можат други генерации по нас да продолжат да го прават тоа.
Градоначалникот се согласува дека инфраструктурата од и кон Охрид мора да се подобри. Тој открива дека во тек се подготвителни активности околу проектот за изградба на автопатот од Гостивар до Кичево, како и подготовките за реализација на изградба на магистарален пат од Охрид до Св. Наум.
Градоначалникот додаде дека локалната власт дава свој продонес околу можностите за развој на редовни линии покрај чартер линиите од Холандија и Белгија, со тоа што во тек се преговори со една нискобуџетка компанија околу начините за идна соработка и за можноста заедно со локалната самоуправа на Струга да субвенционираат дел од овие летови и да се воспостават редовни линии од Охридскиот аеродром.
{loadposition content9}