Градските улици во Охрид полни со ударни дупки
Најголем проблем за возачите и останатите учесници во сообраќајот се ударните дупки. Дупките се особено опасни ноќно време на дожд, кога се прекриени со вода и возачот доцна или воопшто не ја забележува дупката на време, за да може да ја намали брзината или да ја одбегне. Граѓаните реагираат на ваквата состојба, а од Локалната самоуправа ветуваат дека веднаш по Велигденските празници ќе се отпочнат со крпење на ударните дупки како и со асфалтирање на тесните улички.
Возиме по раскопани градски улици, се жалат охриѓани. Тие сметаат дека состојбата со коловозите е очајна и посочија дека речиси и да нема улица во градов без дупка или крпеница. Дел од нив се загрижени и поради неодговорниот пристап на надлежните, кои дополнително ги раскопуваат улиците за поставување на канализација, а потоа со години прекопите не се санираат односно улиците не се враќаат во првобитната состојба.
„Ова е проблем не е мал туку е голем и страмота е не верувам дека некаде го има ова во Македонија а камо ли во странство. дупките не се безбедни….на времето се преземаа мерки. задолжително пријави добиваа за вакви работи а сега ова на што личи да не можеме да поминиме, младите не можат со количка со деца да излезат, вртат по околни улици“
„Децава на училиште одат, луѓево нови коли имаат ова е катастрофа …ова не е видено страмота…треба да се закрпат дупките и улиците да се асфалтираат, срамота ева е најстарата улица во градов“
„Дупките нормално дека претставуваат опасност и за коли, гуми се кинат посебно Абас Емин, поминете и ќе видите…таму само пешки со кола тешко се поминува Траба да ги самираат и ние плаќаме даноци аку сме на периферија“
Од Секторот за комунални дејности Томе Нанески, вели дека стручни екипи деновиве го скенираат теренот и детектираат каде се најголемите ударни дупки. Според неговите најави се поизвесно е дека веднаш по Велигденските празници, градските улици во општина Охрид ќе бидат инфраструктурно уредени онакак како што доликува не еден туристички центар.
„Во моментов завршена е тендерската постапка за избор на изведувач за крпење на ударните дупки како и за асфалтирање на тесните улички во градов. Течат роковите за жалба избран е изведувач се надеваме дека некаде пред Велигденските празници ќе се потпише договорот со изведувачот и одма после Велигденските празници ќе започнеме со крпење на ударните дупки со асфалтирање не со бекатон плочки“.
Покрај асфалтирање на ударните дупки настанати поради лошо направениот коловоз, лошиот квалитет на асфалтот, нередовно одржување и заради екстремните атмосферски влијанија ќе бидат санирани и крпениците со бекатон плочки по охридските улици. Нанески открива дека со крпењето на градските улици ќе се отпочне од централното градско подрачје и ќе бидат опфатени сите улици кои имаат ударни дупки.