Skip to main content

Домашно производство

Граѓаните да се свртат кон селата

70% од земјоделските површини во регионот се необработена почва. Во време на инфлација која е во постојан раст, клучно е да се свртиме кон свое домашно производство. Граѓаните кои се во можност да почнат сами, барем за себе да произведуваат храна. На тој начин ќе ја избегнат високата цена на пазарите, порачуваат земјоделците.
 |  инфодеск  | 
нива со пченка

Увезуваме храна по повисока цена, а можеме да ја произведуваме во нашата земја. Производителите на земјоделски култури велат, имаме ресурси за производство на храна, но не ги користиме воопшто. Само во охридско – струшкиот регион дури 70% од земјоделските површини се необработена почва. Тоа е така бидејќи нема кој да ги работи нивите. Земјоделците апелираат до граѓаните, во време на инфлација, да се насочат кон домашно производство.

Граѓаните кои се во можност треба да почнат сами за себе да произведуваат храна. Само на тој начин може да се избегне високата цена на пазарите, велат земјоделците.

„Секоја држава што е ранлива, односно неподготвена за да произведе добар дел од своите прехрамбени продукти, таа е многу ранлива и политички, од надвор. Ние досега, за жал, не знаеме тоа да го искористиме. Цената на житните производи рапидно се крена во Европа, апсолутно сите други прехрамбени производи, посебно на земјоделските култури ќе расте цената. Една препорака до нашите граѓани, многу порано требаше да се свртат кон селата. Имаме многу луѓе што се без работа, а конкретно во овој регион 70% од земјоделските површини се необработени овошни и градинарски култури. Барем за своите потреби, луѓето ем ќе се рекреираат, ем нешто ќе однесат дома, нема да одат на пазар“ – вели Ванчо Стојаноски, овоштар.

Професорите велат, младите во трка за подобар живот не сакаат да работат на нива, туку својата иднина ја гледаат надвор од нашата држава. Сите сакаат канцелариска работа во метрополата или заминуваат во странство.

„Охрид беше град и на туризмот и на преработувачката индустрија. Кога престана да работи преработувачката индустрија, спасот пред се` се бараше во главниот град. Најчести се миграциите во Скопје и нормално надвор од државата“ – вели Науме Мариноски, професор на ФТУ Охрид.

Цените на производите во земјава од ден на ден растат. Граѓаните стравуваат од нови поскапувања, кои вообичаено се случуваат за велигденските празници.

Новинар Соња Рилковска