Skip to main content

Граѓаните бараат да сопре рибокрадството

Рибокрадството цути за време на мрест на ендемичните риби во Охридското езеро, пријавуваат граѓаните во рубриката „Ти си твојот град“ на ТВМ телевизија. Тие тврдат дека рибокрадци секојдневно влегуваат во водите на Охридското езеро и нелегално ловат риба. Од охридската полиција велат се вршат засилени акциски контроли за сузбивање на рибокрадството.

 |   | 
Рибарска мрежа

Граѓаните бараат да сопре рибокрадството и истребувањето на ендемичната охридска риба. Овој проблем кој се провлекува со години го пријавија во Рубриката „Ти си твојот град“ на ТВМ телевизија.

Тие тврдат дека рибокрадци секојдневно влегуваат во водите на Охридското езеро и нелегално ловат риба. Особено се загрижени за криволовот во време на мрестот.

Тоа не е само криволов, тоа е истребување на живи фосили, геноцид. Со години алармираме дека охридската пастрмка е на работ на исчезнување., а никој не презема конкретна акција да се страви крај на овој геноцид. Охридската пастрмка е стара колку и самото езеро, црвениот аларм одамна е вклучен – пишуваат граѓаните во рубриката „Ти си твојот град“.

Иако забрана за риболов има на сила, нема концесионер и рибочувари. Од полицијата велат се спроведуваат засилени акциски контроли.

Изминатиов период извршени биле 9 акциски контроли долж Охридското езеро и затекнати 72 рибарски мрежи во должина од 3500 метри и 46 парчиња охридска пастрмка.

Во изминатиов период извршени се 9 акциски контроли при тоа затекнати, пронајдени и одземени се 72 рибарски мрежи во должина од 3 500 метри и 46 парчиња нелегално уловена риба охридска пастрмка. Против сторителите на овие казнени дела ќе бидат поднесени соодветни пријави. Напоменувам дека во наредниот период овие акциски контроли ќе бидат интензивни ќе се вршат по различно време и место по крајбрежието, но и во водите на Охридското езеро се со цел поголема заштита на рибниот фонд и рибното богатство во Охридското езеро – вели Стефан Димоски портпарол на СВР Охрид.

Најкритични точки за криволов се селата Трпејца и Пештани, како и Калишта и Радожда од струшка страна. Најчесто рибокрадците и се добро познати на полицијата против кои биле повеќе пати поднесувани пријави за незаконит риболов.

Во овој период интензивни се аакциските контроли што ги презема СВР Охрид и полициската станица за граничен надзор на Охридското езеро по крајбрежието и во водите на Охридското езеро. Целта е интензивно работење согласно Законот за рибарство и аквакултура и секако пронаоѓање на сторители кои вршат казнено дело незаконит риболов. Во таа насока интензивните контроли ќе продолжат и понатаму, но сакам да напоменам дека на 6-ти овој месец СВР Охрид на подрачјето на Пештани и Трпејца рееализира акциска конторла при што кај Пештани затекнати се две лица кои вршеле незаконит риболов со рибарска мрежа, додава Димоски.

Од СВР Охрид најавија интензивирање на акциските контроли во различни временски периоди и на различни локации в долж езерото.

Екологистите постојано апелираат дека ендемичната риба со децении е на работ на исчезнување и бараат да се стави крај на нелегалниот риболов. Со езерото да стопанисува локалната самоуправа и да се користи само за спортски риболов.

 

Новинар : Соња Рилковска