Skip to main content

Анкетно истражување Евротинк

Граѓаните и полициското работење

Од Југозападниот регион и на државно ниво имаат слични ставови за полициската транспарентност, отчетност и отвореност при носење одлуки. Препораките ќе бидат проследени до ресорните министерства и до општините за да се зајакне меѓусебната доверба.
 |  Валентина Неловска  | 

Граѓаните имаат слични ставови за работата на полицијата на државно ниво и во Југозападниот регион. Тоа го покажуваат презентираните резултати од спроведена анкета за полициската транспарентност, отчетност и отвореност при носење одлуки.

Анкетното истражување е реализирано од страна на Центарот за Европски стратегии-Евротинк, информира истражувачот Александар Стојановски.

Граѓаните од Југозападниот регион и на национално ниво се изјасниле за довербата, професионалноста, отчетноста, ефикасноста и заштитата на полицијата. Се забележуваат помали процентуални отстапувања во перцепцијата. Така, во однос на довербата кон полицијата позитивно се изјасниле 30 проценти од граѓаните на локално ниво во споредба со 25 проценти на национално ниво, споделува Стојановски за дел од анкетните резултати по истражуваните области.

Доколку е загрозена безбедноста на граѓаните, на државно ниво не веруваат во полициска заштита 43 проценти од граѓаните и 42 проценти на локално ниво. Оние кои сметаат дека ќе бидат заштитени од полицијата се 51 процент на ниво на државата и 49 проценти на локално ниво – укажува Стојановски.

Со претставници од локалните самоуправи од Охрид, Струга и Македонски Брод, СВР Охрид и граѓански здруженија ги дискутираа резултатите од истражувањата од проектот „Кон транспаретност, отчетност и инклузија на полцијата во Македонија“.

Се анализираа состојбите и перцепцијата кај граѓаните во врска со полициското работење. Ова е 6-та локална дискусија од проектот кој започна да се спроведува од јули минатата година и заврши во декември, информира Стојановски.

Проектот има за цел да се поработи на зајкнување на довербата помеѓу полицијата и граѓаните преку промовирање на концептот полицијата во заедницата. Да се овозможи подобрување меѓусебната соработка и комуникација меѓу граѓаните и полицијата како јавен сервис. Да се допринесе кон подобрување на јавното мислење во однос на полициското работење како што се транспарентноста , отчетноста и отвореноста при носење на одлуки во полициското работење – напоменува Стојаноски.

Истражувањето на национално ниво било направено телефонски на 1001 испитаник, а на локално ниво во 9- те општини од Југозападниот регион на 108 испитаници. Препораките од трите истражувани области ќе бидат проследени во ресорните министерства и во општините.