Skip to main content

Југозападен регион

Граѓаните најмногу се жалат на правосудството

Граѓаните од Југозападниот регион за три месеци од почетокот на годинава доставиле до правобранителот од подрачната канцеларија во Кичево дури 90 претставки. Најмногу проблеми имаат со правосудството и обвинителството. Граѓаните бараат помош од правобранител и во тек на постапките, но најчесто на институцијата омбудсман гледаат како на последна надеж за заштита на нивните права. Во канцеларијата на народниот правобранител формиран е и посебен тим за проблемите на граѓаните со извршителите.
 |  инфодеск  | 
Илбер Руфати

Граѓаните од Југозападниот регион бараат помош од народниот правобранител во најголем дел поради проблеми со правосудството. Во првиот квартал од годинава подрачната канцеларија на Народниот правобранител во Кичево примила повеќе од 90 преставки од страна на граѓаните. Од нив најголем дел се однесуваат на жалби за работењето на правосудните органи, вели заменик народниот правобранител во оваа подрачна канцеларија, Илбер Руфати.

Претежно се жалат на непочитување на рокот на донесување на решени пресуди од страна на судот, обвинителните акти од страна на обвинителството. Последната информација е дека граѓаните имаат ниска доверба во правосудството, само 8% за жал. И друг проблем, конкретно народниот правобранител достави укажување до Влада во делот на налозите за извршување на извршителите. Не може да биде камати и другите побарувања да бидат поголеми од основниот долг – вели Илбер Руфати, заменик народен правобранител.

Илбер Руфати

За проблематиката со извршителите во канцеларијата на народниот правобранител е формиран посебен тим, открива Руфати. Тој додава дека граѓаните се обраќаат кај правобранител и во тек на постапките, но најчесто на институцијата омбудсман гледаат како на последна надеж за заштита на нивните права. Најголемиот дел на преставки од граѓаните покрај правосудството и обвинителството се од областа на социјална сигурност и заштита, имотни-правни работи, полициски овластувања, заштита на животна средина, казнено-поправни и воспитно-поправни домови, работни односи како и према Фонд на пензиско и инвалидско осигурување. Во охридско струшкиот регион до правобранителот често има претставки од сферата на урбанизмот.

И со претходниот градоначалник и со актуелниот и со претседатели на градските совети сме разговарале и сме биле децидни да се почитуваат препораките на УНЕСКО. Исто така сме биле во контакт и со граѓани кои сакале да градат или добиле дозвола за градба, меѓутоа од наша страна им е објаснето дека за заштита на Охридското езеро и регионот и почитување на препораките треба да се воздржат – кажа Руфати.

Заменик народниот правобранител од подрачната канцеларија Кичево им е достапен на охриѓани секој последен четврток во месецот во просториите на општина Охрид од 9 до 15:30ч. Подрачната канцеларија на Народниот правобранител го опфаќа југозападниот регион со околу 400.000 жители.

Канцеларијата минатата година постапила по 254 предмети и биле решени 186 предмети додека 68 предмети се останати за 2022 год. со што во 65 случаи се констатирани повреди на правото кон граѓаните од страна на институците во државава.