Skip to main content

Граѓаните се ЗА пешачка патека, но не по цена на зеленилото

Не стивнуваат реакциите на граѓаните за дрвата кои се сечат на потегот од бараките на АД „Трудбеник“ до „Билјанини извори“ каде е предвидено да се прави пешачка и велосипедска патека. Тие велат дека наголемо се уништува зеленилото во градов.  Од Локалната самоуправа  смируваат дека дрвата кои се сечат се оние кои биле стари и трули, а брезите и врбите кои се дел од дрворедот на овој потег ќе останат и понатаму.

 |  Јаковлева Лионела  | 

 

Изградбата на современа пешачка и велосипедска патека, на потегот од бараките на АД „Трудбеник“ до „Билјанини извори“ ги разбранува страстите кај охриѓани, а и кај гостите кои долги години доаѓаат во градов и шетаат покрај каналот. Тие ја поздравуваат иницијативата на Локалната да го уреди овој простор, но негодуваат за дрвата кои таму се исекоа и сеуште се сечат.

Портпаролот на локалната самоуправа Томе Џамтоски смирува дека дрвата кои се сечат се оние кои биле стари и трули , а брезите и врбите кои се дел од дрворедот на овој потег ќе останат и понатаму да го разубавуваат и да им прават сенка на оние кои ќе се шетаат по оваа патека.

Реакциите нема да престанат и тоа е сосема нормално и за очекување. Но уште еднаш ќе повторам дека се се работи според предвидениот проект и според строги критериуми зацртани од секторот за екологија. Сите дрва кои можат да се вклопат во проектот ќе останат и нема да се сечат, тврди Џамтоски.

Инаку според планот патеката треба да биде направена од природни материјали како што се камени плочи и дрво, а ќе има и атрактивни содржини како што се мали мостови од дрвена конструкција кои ќе се протегаат од пешачката патека до малиот канал и ќе се поврзуваат со спортско рекреативниот центар „Билјанини извори“. Ќе се исчисти и малиот канал , ќе се постават платформи кои ќе се дрвени и ќе служат за пристапување на пловните објекти и неколку видиковци.

Делот од патеката кој ќе го прави Локалната е долг 346 метри, а целокупната патека до ресторанот Котва изнесува 560 метри. Вкупниот проект чини околу 20 милиони денари, а ќе биде финансиран со пари од општината. Овој дел од патеката треба да биде направена до средината на есента, а наредната година планирано е да се прави и делот до ресторанот Котва.