Skip to main content

Граѓаните тешко одвојуваат пари за осигурување нa имотите од штети

Охриѓани ретко одвојуваат пари за осигурување на своите домови од  штети.

 |  Валентина Неловска  | 
Охрид
Охрид

Охриѓани ретко одвојуваат пари за осигурување на своите домови од  штети. Засега, опфатот на индивидуалните домаќинства во Охрид од разни видови на штета на имотот е само 20 проценти, вели Зоре Николоски, менаџер за продажба на осигурувања од АД „Кјуби Македонија“. Иако еден од приоритетите за влез во Европската унија е зголемување на лимитот до 80 проценти за осигурување на имотите, со сегашниот процент не можеме да бидеме задоволни, нагласува Николоски. Менаџерот по продажба на осигурувања додава дека иако се забележува мало зголемување на интересот кај осигурувањето на домаќинставата, но тоа не е доволно.
пожар 
„ Не можам да се пофалам со голема опфатеноста, општо во осигурителниот бизнис во Македонија на домовите, куќите и становите. Тука има големо влијание  економската криза, но има свој удел и недостатокот од културата за осигурување во Македонија“, вели  Николоски.  

Граѓаните се интересираат за осигурување од разни видови на штети само кога ќе ги снајде несреќа, напоменува Николоски. Премиите за осигурување не се скапи, доколку се земат во предвид можните штети. За еден стан од 50 квадрати со пакет на осигурување од разни видови на штети како што се пожар, удар  на гром, експлозија, олуја, град, паѓање на воздушни летала, манифестации и демонстарции, излевање на одводни и водоводни цевки, како и осигурување на одговорност за причинување на штета на соседот, премијата  изнесува околу 2600 денари, кажува Николоски. Тој појаснува дека премиите не се скапи и може да се плаќаат на неколку месечни рати во зависност од финансиските можности на осигуреникот.


„ Премиите се многу мали. Секое едно семејство би требало и може да издвои средства за да го обезбеди својот имот, и како што се вели народски, за мирно да се спие“, препорачува  Николоски.

 Македонските искуства покажуваат дека правните  лица во однос на индивидуалните домаќинства повеќе се  заинтересирани за осигурување на имотите од разни видови на штета. Опфатеноста е голема единствено кај задолжителните видови на осигурувања како што се авто одговорноста и  одговорноста од  штета на трети лица. 

{loadposition content9}