Развојот на локалните социјални услуги е модел кој ги обединува сите чинители на локално ниво да се вклучат во градењето на заедницата. Локалните самоуправи заедно со нивните партнери граѓанските организации, се исправени пред обврската да обезбедат социјални услуги за своите граѓани.
Досега, преку првиот јавен повик за доделување на грантови се реализираа 22 проекти во 27 општини.
Од нив 16 се за помош на нега на стари лица во домот, три се дневни центри за деца со попреченост, а по еден проект е наменет за помош на стари лица во дневен центар и рехабилитација и регенерација на лица со попреченост во локалната средина со услуги за советување.
Преку овие услуги опфатени се повеќе од 522 корисници, а дополнителен бенефит е што лицата кои се ангажирани за реализација на овие проекти се од социјално ранливи категории, кои претходно поминаа стручни обуки.
Затоа како локална власт постојано работиме на унапредување на социјалните услуги и активности. Отворена е сензорна градина во ОУ „Григор Прличев“, го поддржуваме првиот регионален саем на социјални претпријатија на Југозападниот регион. Општина Охрид додели стипендии на ученици, магистранти и докторанти на лица со ретки болести и посебни потреби. Објавивме финансиска подршка за центар кој третира деца со атипичен развој од социјално загрозени семејства – посочи Кирил Пецаков, градоначалник Општина Охрид.
Вториот повик за развој на социјални услуги на локално ниво кој денес беше презентиран во Охрид е дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Светска банка.
Преку овој проект со доделување на грантови ќе се придонесе за проширување на понудата на социјалните услуги.
Идејата е преку овој проект во рамки на севкупната социјална реформа да се креираат нови социјални услуги, да се подобри нивниот квалитет и да се зголеми опфатот на корисници.
Биљна Страмашак од менаџментот кој работи на Проектот за подобрување на социјалните услуги вели дека со донесувањето на новиот закон социјалните услуги се спуштаат на локално ниво.
Општините и давателите на услуги се партнери во апликацијата. Општина не може да аплицира сама, давател на услуга неможе да аплицира сам. Мора да постои партнерство. Еден давател со една или повеќе општини – објасни Биљна Страмашак, Проект за подобрување на социјалните услуги.
Од страна на претставници на Проектот за подобрување на социјалните услуги, пред претставниците на општините и невладините и граѓанските организации од Југозападниот плански регион, беа презентирани роковите и постапката за идно аплицирање за грантовите, а беа изнесени и бенефитите кои Проектот ги нуди за развој на социјалните услуги во локалните заедници.
Целта на јавните повици е да се поттикне интересот на општините од регионот да се јават на истите. Проектот е имплементиран од Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Светска банка.