Skip to main content

Ти Си Твојот Град

Греди од кои стрчат шајки еден месец блокираат тротоар на ул „Момчило Јорданоски„

Тротоарот не е ниту двор ниту плевна за да може некој да си растовари на него дрва и греди, посочуваат граѓаните и бараат тротоарот да биде прооден.

Еден месец окупиран тротоар со растоварени греди од кои стрчат шајки и претставуваат препрека и опасност за минувачите, реагираат во Рубриката Ти Си Твојот Град жители кои гравитираат на ул „Момчило Јорданоски“ .

– Не знам каде да се обратам затоа ви пишувам на Ти Си Твојот Град. На улица МомчилоЈорданоски, до црквичето, на тротоарот, некој си оставил стари штици откако си ја растурил плевната во село Рамне. Веќе месец дена стојат на тротоарот. На нив има шајки од 10 см. Стар човек да се сопне ќе се закачи на шајките. Не дај боже, тука во близина играат деца секоја вечер, некое очи ќе истера, – пишува во реакцијата граѓанка која постојано минува на локацијата и ни испрати и фотографии.

Тротоарот не е ниту двор ниту плевна за да може некој да си растовари на него дрва и греди, посочуваат граѓаните и бараат тротоарот да биде прооден, посебно што на тоа место има и пешачки премин.

Велат дека не знаат кој е надлежен, но преку рубриката Ти Си Твојот Град апелираат до градските власти да преземат мерки да се ослободи тротоарот.