Грижата за Галичица е заедничка обврска
„Грижата за паркот е заедничка обврска“, гласи мотото на кампањата наменета за охридските средношколци, во организација на Националниот Парк Галичица. Преку двочасовни предавања наменети за охридските тинејџери, вработените во Установата и членовите на Планинарската спасителна служба кои ги посетуваат Средните улилишта во Охрид имаат цел да им го доближат работењето на Националниот парк. Преку дружба и дискусија го надополнат знаењето за природните и културни вредности кои ги тој ги нуди. Денеска во охридската гимназија се зборуваше и за грижата за паркот и ризиците кои го демнат, вели Ангела Тасеска, Биолог соработник за еколошка едукација при установата.
„Зборуваме за дозволените и забранетите активности на територија на паркот, односно за зонирањето кое што е во националниот парк Галичица. За четирите видови на зони. Зона за строга заштита, за активно управување, одржливо користење и тампон зоната. Сметаме дека е неопходно да имаат едно познавање сите ученици за овој тип предели. Најголем фокус ставаме на заканите коишто се на територија на паркот, дивоградбите и за жал отпадот којшто е непријатна глетка која честа во НП Галичица.“, посочи Ангела Тасеска.
Кампањата активно е поддржана од Планинарската спасителна служба чии волонтери зборуваат за активностите кои може да се реализираат на територија на паркот, им даваат поттик и им ги објаснуваат придобивките што тие би ги имале доколку поголем дел од слободното време го користат во природа. Идниот период оваа група ентузијасти ќе ги посети останатите училишта во Охрид со цел пренесување на главната порака.
„Главната порака е да се осознаат клучните вредности кои што ги поседува НП Галичица. Заеднички да придонесеме за грижата на паркот и со таа цел ја организираме оваа кампања под мотото грижата на паркот е заедничка обврска и не е само на Јавната установа, на сите нас заеднички да допринесеме. Апелираме поголема свесност осбено кај најмладите генерации заеднички да поттикнеме размислување за подобра животна средина, да допринесме до подобра работа на паркот и како да ги намалиме заканите на територија на паркот.“, истакна Тасеска.
Годинава како успешна во полето на еколошка едукација, во која, НП Галичица реализира голем број едукативни работилници на различна тематска содржина, беа опфатени повеќе од 700 деца од различни групи од училишна но и предшколска возраст.