Skip to main content

„Совест“: Институциите не постапуваат согласно надлежностите околу Али Пашината џамија

Институциите не постапуваат согласно своите надлежности за да ги запрат градежните работи околу нелегалната изградба на минарето на Али пашината џамија во охридската чаршија. На објектот се гради со тешка механизација без градежна дозвола, а надлежните пласираат контрадикторни решенија и заклучоци,  меѓусебно ги префрлаат одговорностите и се прогласуваат за ненадлежни, на прес конференција обвинуваат од ГЗ„Совест“. 

 |  Валентина Неловска  | 

Надлежните институции и инспекциски органи со месеци дозволуваат вандализам во срцето на охридската чаршија при градежните зафати за реконструкција на Али пашината џамија, кажаа на прес конференција од Граѓанското здружение Совест. Тие испратиле дописи до сите надлежни институции за тековните градежни зафати врз објекот кој со месеци ја бранува охридската јавност. Од здружението пред новинарите презентираа контрадикторни решенија и заклучоци на институциите кои меѓусебно само си ги префрлаат одговорностите и се прогласуваат за ненадлежни.

џамија„Документацијата на проектот е за рестарвација и конзервација на Али пашината џамија. Тогаш логично се поставува прашањето зошто се користат багери и тешка механизација при ваков зафат. Изработувачот на проектот Завод за заштита на спомениците и Управата за заштита на спомениците при Министерството за култура, излегува со објаснение дека проектот вклучува и рестарвација на минарето кое не постои што значи дека ќе биде ново изградено. Зошто не кажат дека уште од поодамна се направени истражувања кои укажуват дека под објектот постојат материјални артефакти за постоење на базилика и мозаици врз кои е изградена џамијата“, прашува Михаил Трендафилов Нанче , претседател на Здружението на граѓани – „Совест“.

Од Совест прашуваат ако целата постапка е законска зошто има таинственост и нетранспарентност пред јавноста од поединци на раководни позиции. Зошто на објектот има знак забрането фотографирање, а на камерманите од некои медиуми им се забранува да снимаат во близина на објектот, прашуваат членовите на Совест.

„Она што е најинтиргантно во целиот случај е перманентното инсистирање на изградба на минаре, кое како што веќе истакнавме треба да биде со висина од 32 метри, и ќе биде најдоминантниот објект во централното градско јадро. Со ова ќе се измени силуетата на Охрид, сликата за Охрид, со еден збор Охрид ќе се ребрендира. Што сака да се постигне е јасно, но сега и овде нема да навлегуваме во поширока експликација. Ги прашуваме сите архитекти инволвирани во овој случај да објаснат од архитектонски, естетски, културен, социјален или било кој друг аспект да дадат одговор дали ваквата градба му треба на Охрид?“, прашува Трендафилов.

Од увидот на циркулацијата на целата документација, во изминативе месеци поранешната директорка на Завод и Музеј , Тања Паскали Бунташеска, ја замајува јавноста дека се се работи според законот, укажува Михајло Арнаудов од Совест.

„ Таа на неколку пати бара од другите институции да се запрат градењата затоа што таму диво се гради. Едно е со конзеравторско решение, едни работи да градат, а за сите други работи таму треба градежна дозвола“, истакна Арнаудов.


Александар Арнаудов, напоменува дека на  џамијата се градат 2 типа на објекти за кои во моментов нема градежна дозвола издадена од Министерството за транспорт и врски. Повикувајќи се на членови од Законот за градење, Арнаудов појаснува дека ниту еден од нив не е влезен во процедура за добивање на градежна дозвола.

„Тие имаат изработено проект за реконструкција на џамијата која треба да помине идеен, па основен проект кој треба ревидиран пак да ги помине сите фази за да се добие мислење од Институтот за земјотресно инжинерство од Скопје. Целата оваа процедура е застаната на фаза основен проект, недовршена и денес нема проект за санација на џамијата“, посочува Арнаудов.

Од Граѓанското здружение Совест повикуваат институциите да ги спречат нелегалните зфати врз џамијата. Додаваат дека се подготвени за поширока јавна дебата со сите граѓани во Охрид. Размислуваат и за поднесување на соодветни пријави до Народниот правобранител и Државната комисија за спречување на корупција.Ги повикуваат Министерот за култура Роберт Алаѓозовски, Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, Заводот за заштита на спомениците и Музеј  Охрид, Управата за заштита на културното наследство уште еднаш сериозно да го разгледаат целиот случај и да ги спречат нелегалните активности на Али пашината џамија во Охрид. Од здружението Совест Ги повикаа, иако немаат дирекна надлежност,  и градоначалникот на Општина Охрид и градскиот совет како најодговрни носители на локалната власт да се произнесат за целиот случај.