Хаотична 61ва седница на градскиот совет
Хаотична 61ва седница на градскиот совет. Откако советниците убаво се испокараа поради првата точка на дневниот ред, а тоа беше Предлог Одлуката за прифаќање на Иницијативата за експропријација на градежно земјиште во приватна сопственост заради изградба на објект од јавен интерес од локално значење – катна гаража и од кога истата ја изгласаа, сватија дека има пропусти во донесувањето на одлуката и истата ја поништија. Одлучија денес да се свика 62ра седница на која повторно оваа точка се стави на дневен ред.
Надмудрувања, исмејување, убедување, гласање и прегласување беше одликата на 61вата седница на градскиот совет. Предлог Одлуката за прифаќање на Иницијативата за експропријација на градежно земјиште во приватна сопственост заради изградба на објект од јавен интерес од локално значење – катна гаража го вжешти микрофонот на говорницата, но и главите на советниците. Додека од опозицијата се обидуваа да докажат дека катна гаража на градов му е потребна, но дека таа не треба да биде лоцирана на паркингот кај Ривиера за кој простор денес се дискутираше, од позицијата ги обвинуваа дека се кочничари на се она што прогресивно се случува во градов. Јован Стојаноски, координаторот на советничката група на СДСМ рече дека ова ќе биде уште еден неуспешен проект и на локалната и на Владата на РМ.
Имавме една парадоксална ситуација која оваа локлана власт ја прави со години. Всушност на место каде веќе беше предвидена катна гаража а тоа е паркингот кај градскиот пазар не се гради катна гаража бидејќи таа локација му ја доделивме на приватниот јавен партнер за изградба на затворен грдски пазар., а сега вршиме експропријација, односно одземаме земјиште во најстрого градско подрачје на две приватни фамилии за да се гради катна гаража. Парадоксот е дека онаму каде што можевме не изградивме, а сега им го земаме земјиштѕето на некои граѓани и тоа по доста ниска цена, вели Стојаноски.
Откога се разгореа страстите во големата општинска сала пристигна и градоначалникот Никола Бакрачески. Тој изрази неверување за постапките на опозицијата кои и овојпат според него се кочничари на развојот на градот.
Јас навистина не ја гледам спорноста на одлуката за експропријација на градежно земјиште и ако направам ретроспектива на сите ваши критики во јавноста кои три и пол години наназад ги пласирате се многи контрадикторни. Многу често не критикувате дека сме правеле бетонизација на Охрид само незнам од каде ви дојде тој заклучок. Кажете која е таа помасивна бетонизација која во овие три и пол години оваа локална власт ја направила во Охрид, запраша градоначалникот.
Откако подолго време се кршеа копја околу тоа кој е поголем патриот и кој повеќе си го сака градот, мнозинството со советот ја изгласа првата точка од дневниот ред па се премина на втората, Предлог Одлуката за обезбедување на надоместок за експропријација на недвижност, Советникот Јован Стојаноски предочи дека и во првата и во втората точка има голем број пропусти и грешки.
Не така формална грешка е не ставањето цена по квадрат на експроприрано земјиште кое е во приватна сопственост и имаше ситиација каде на едни сопственици им е одредена цената за експропријација на земјиштето, а на другите не. Од тие причини ние долго време се убедувбавме и со градоначалникот и со советниците и на крај успеавме да докажеме дека сме во право, вели Стојаноски.
Градоначалникот од говорница го повика Стојаноски да докаже дека неговата забелешка е исправна.
Ако службите на општина Охрид направиле конфузија излезете на говорница и убедете не и нас но и охридската јавност дека се работи за исти парцели во првата и втората точка. Три пати излегуватае на говорница и кажуват дека нема цени, но цени има, тврди Бакрачески.
После долго убедување, договарање, па и навредување се дојде до констатација дека сепак Стојаноски е во право и дека донесената одлука за прифаќање на Иницијативата за експропријација на градежно земјиште во приватна сопственост заради изградба на објект од јавен интерес од локално значење – катна гаража е невалидна и дека оваа точка ќе се прегласува. Советниците побараа пауза од еден сат после што се закажа 62та седница на која повторно на дневен ред беше ставена истатат точка но со потребните измени по што беше изгаласана.