„Harvest Cooperative“ им подаруваше фиданки на охриѓани во рамки на кампањата „Фестивал на дрвја„
Денеска на градскиот плоштад во Охрид Здружението „Harvest Cooperative“ делеше садници дрвја на граѓаните. Истовремено во дворовите на ООУ „Св Климент Охридски“ Охрид и Колеџот „Јахја Кемал“ Струга беа засадени дрвца. Активностите се во рамки на кампањата „Фестивал на дрвја„ која здружението ја спроведува низ целата држава. Целта ни е да ја разбудиме пролетта и да ја подигнеме свеста на граѓаните за значењето на дрвата и пчелите. Затоа се одлучивме за дрва кои се важни за пчелите како единствен вид на опрашувач на планетата. Доколку не би постоеле пчелите голем број на зеленчуци или овошја би исчезнале од редовната исхрана на луѓето, вели Сезер Акин, претседател на Здружение „Harvest Cooperative“.
„Како здружение се грижиме за традиционално земјоделие со добри практики, почнувајќи од почвата до финалниот производ здрава храна. Во акцијата, поради тоа, одлучивме да делиме дрва како што се багрем, бука и даб коишто ги привлекуваат пчелите кои се многу важни во природата.“ – изјави Сезер Акин – претседател на Здружение „Harvest Cooperative“.
Акцијата започна со донација на садници кои со сопствени средства ги набави здружението и истата ќе трае преку целата година врз база на донации. Секој којшто сака може да донира средства со кои ќе се набавуваат садници. Тоа е и пораката на оваа активност „Секој треба да има едно дрво“. Во акцијата се вклучени голем број училишта од целата земја кои младите фиднаки ќе ги засадат во училишните дворови и понатаму ќе се грижат за тие дрвја.
„Се договоривме поради водење грижа за тие дрвја да се садат во училиштата и на една локација во Скопска Црна Гора имаме една шума каде во околината има пчели. Не е само да садиме туку мора и да ги одгледуваме дрвата, да растат. Не е целта да оставиш некоја гранка некаде и да мислиш дека ќе порасне. Мора да ги следиме во развојот.“ – вели Сезер.
Многу деца не ги познаваат голем дел од растенијата, овошјата и зеленчуците кои ги гледаат на зелените пазари или во маркетите, а да не зборуваме за дрвата. Децата мора да учат повеќе за за тоа од каде доаѓа храната и за природата, вели Сезер.
„ Ние сакаме да садат, да играат малку со почва, да видат како се сади едно дрво, како изгледа тоа пред да порасне . Насекаде имаме дрва ама не знаат како растат. Утре сакам некое од децата, кога ќе биде 30 годишен да си помисли колку порасна ова дрво што го посадивме кога одев во ова училиште и да го памети тоа. “ – вели Сезер Акин.
Само во еден ден здружението во соработка со 20-тина училишта засадија над 5000 садници. На плоштадите во Охрид и Скопје беа подарувани фиднаки од даб, багрем, бука и габер на граѓаните да ги посадат во своите дворови. Поддржете ја нашата акција со 1.000 денари, а ние во ваше име ќе се погрижиме многу фиданки да се сретнат со почвата, порачуваат од „Harvest Cooperative“. Секој граѓанин, институција и фирма може да донира, а повеќе информации за акцијата, мисијата и прокетите на Здружението се наоѓаат на нивната ФБстрана.