Аргентинскиот пливач Матијас Дијас Хернандес е победник на 35-то издание на Охридскиот пливачки маратон, кој денеска во доста тешки услови поради ветровитото време се одржа во нашето најпознато и најголемо природно езеро.
Со оглед на тоа што годинешното издание првично беше одложено, на почетокот во Св. Наум се појавија само осум натпреварувачи, од кои седум машки и само една женска натпреварувачка.
По речиси шест часа пливање, на крајот го добивме победникот денеска во Охрид, а тоа е Аргентинецот Матијас Дијас Хернандес кој го заврши како најдобар на најскромното издание на пливачкиот маратон.
Хернандес го презема водството од Пештани и од тој момент уверливо пливаше до самата завршница, па на крајот патеката „Климе Савин“ од Св. Наум до Охрид ја мина за време од 5 часа, 50 минути, 30 секунди и 5 стотинки.
Втор заврши Италијанецот Франческо Гетини кој беше победник на 32-то издание на Охридскиот маратон во 2018-та година, додека македонските претставници завршија на третото и четвртото место.
Евгениј Поп Ацев се избори за место на подиумот како трет, а по него на целта пристигна Александар Илиевски. Покрај првите четворица, денеска на маратонот учествуваа уште Сидрит Деску и Арион Будима од Косово, Арне Штулар од Словенија и аргентинката Ванеса Гарсија како единствена женска учесничка.