Во Охрид во 2014та не е регистриран ниту еден случај на ХИВ СИДА
Охрид го одбележа светскиот ден на борба против Сида-та. Оваа година во градов нема ниту еден регистриран случај на ХИВ СИДА, но тоа не значи дека и понатаму не треба да се работи на превенцијата, вели претседателот на охридскиот Црвен крст, Сашо Точков.
Во Охрид во 2014та не е регистриран ниту еден случај на ХИВ СИДА. Последното хив позитивно лице е откриено во април 2013та година. Од почетокот на појавата на епидемијата на СИДА во 1987год, во Охрид се регистрирани 9 случаи од кои осум биле мажи, а една жена и тоа на возраст од 20 до 49 години, а само едно лице е над 55год. Осум од нив починале . Пренесувањето на болеста е хетеросексуално. Во Струга од овај заразен вирус заболеле три лица и сите се починати, а во Дебар едно лице.
Лекувањето на заболените е на инфективната клиника во Скопје и таа редовно ги снабдува заболените со антивирусна терапија, вели епидемиологот Јованка Стурлакова Кровешоска.
Први декември традиционално во цел свет се одбележува како ден за борба против сидата. Оваа година под мотото „Да ја пополниме празнината во знаење, превенција и подршка на лицата кои живеат со ХИВ вирусот“, Црвениот крст од Охрид, НВО Опција и Центарот за јавно здравје, на градскиот плоштад делеа флаери, кондоми и вршеа доверливо советување и тестирање. Нивните активности ќе продолжат и до крајот на неделава.
Целта е да се подигне нивото на свест кај младите и кај возрасните околу начините за превенција и заштита од ХИВ вирусот кој според новите податоци кои ги имаме сеуште е застапен па мора да бидеме претпазливи, вели Сашо Точков-претседателот на ЦК-Охрид
Во рамките на Центарот за јавно здравје функционира советувалиште за доверливо доброволно тестирање кое оваа година го посетиле 120 лица кои го провериле нивниот ХИВ статус.
Инаку, според најновиот извештај „Факти за ХИВ/СИДА во Република Македонија за 2014 година“ во текот на 2014 година во државава се регистрирани 23 нови ХИВ позитивни лица и 16 заболени од СИДА или вкупно 39 нови регистрирани случаи на болни, од кои едно е десетгодишно дете.
{loadposition content9}