Холанѓаните и наредните три годиниостануваат најредовни гости во Охрид и Струга
25 000 туристи од Бенелукс наредниве три години ќе бидат редовни гости во хотелите Метропол, Турист, Силекс, Десарет, Дипломат, Дрим. Београд, Изгрев и Макпетрол. Хотелиерите од охридско струшкиот регион неодамна беа во посета на Амстердам Холандија, каде што го потпишаа новиот три годишен договор.
Холандските гости и наредниве три години сигурни туристи на охридско – струшката ревиера. На новиот договор веќе е ставен потпис од страна на „Корендон“ Холандија, „Фибула Ер Травел“ и охридско струшкиот хотелски еснаф, како што информираше директорот на „Фибула Ер Травел“, Асим Меџедовиќ.
„Тоа се хотелите Метропол, Турист, Силекс, Десарет, Дипломат, Дрим. Београд, Изгрев и Макпетрол. Во овие специфични околности во кои што се наоѓа нашата држава и целиот регион овие договори имаат огромно значење, бидејќи во наредниов период во Охрид и Струга ќе доаѓаат нови 25 000 туристи од Холандија“ – вели Меџедовиќ.
Во периодот од 20 мај годинава, на покана од холандскиот тур оператор „Корендон“, „Фибула Ер Травел“ како ленд партнер во Македонија и Здружението на хотелиери ресторани и кафетерии ХОТАМ прeстојуваа во Холандија.
Во организација на „Корендон“, а под покровителство на Хотам и македонската Амбасада во Холандија, за нашиот хотелски еснаф, за време на посетата во Холандија била одржана и македонска вечер пред 200 потенцијални гости и патници за Македонија, изјави Меџедовиќ.
„Беа презентирани македонските туристички капацитети, но и специјалитетите на македонската традиционална кујна, а се изврши и дегустација на најпознатите вина од Македонија. Македонската вечер во Амстердам имаше за цел дополнително да ја претстави македонскта туристичка понуда како атрактивна балканска и европска туристичка дестинација“.
Обновувањето на договорите е од големо значење и доказ дека досегашната 5 годишна соработка била на здрави нозе, појаснува Меџедовиќ. Инаку на македонската вечер во Амстердам на одговорните луѓе од „Корендон“ им беа доделени пригодни награди и признанија како доказ на успешната приказна за пратени над 150 000 холандски туристи во Македонија.