Skip to main content

Недостиг на кадар во угостителството

Хотам бара увоз на работна сила од странство

Хотелската асоцијација бара увоз на работна сила од странство. Соочени со недостиг на вработени во секторот туризам и угостителство, сметаат дека е потребно итно поедноставување на процедурите за вработување на странски државјани. Од владата најавија дека ќе се либерализира пазарот на трудот, но под кои услови, ќе се знае по завршувањето на средбите со бизнис секторот.
 |  инфодеск  | 
хотели повисоки цени

ХОТАМ бара измени во законот за вработување на лица од други земји. Соочени со недостиг на кадар во угостителството, кој изминативе пет години масовно заминува на работа во странство, од хотелската асоцијација велат мора итно поедноставување на процедурата за увоз на работна сила.

Угостителството, туризмот и градежништвото се најпогодените гранки од миграциите, недостигаат илјадници работници.

Барем законски треба да сме рамноправни. Со оглед на сите околности мислам дека ќе мора владата да даде одлуки за поедноставување на правење документација за работа во Македонија – вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.

Крсте Блажески

Комплицирана е процедурата за вработување на странци во земјава. Владата мора да го разгледа ова барање и да донесе одлуки пред стартот на туристичката сезона, велат од ХОТАМ.

Ако барате да вработите странец за одредена дејност, викаат прво да се провери листата на невработени. Таа листа на невработени е луѓе што не сакаат да работат. Тие денеска било каде да се обратат ќе најдат работа, но тие се на таа социјална листа оти нејќат да работат – вели Блажески.

Македонската економија ќе се раздвижува со увоз на работници од странство, најави пред две недели вицепремиерот за економски прашања Битиќи. Пазарот на трудот ќе се либерализира, но дали целосно или таргетирано, сѐ уште е отворена дилема, тоа ќе се одлучи после разговорите со бизнис секторот и стопанските комори.

Во земјава веќе има вработени странци и тоа најмногу од Иднија, Турција и Кина.

Новинар : Соња Рилковска