Skip to main content

ХОТАМ

ХОТАМ: По успешната туристичка сезона се очекуваат инвестиции во хотелскиот сектор

Хотелиерите на брегот на Охридското Езеро задоволни, велат  туристичката сезона оваа година беше продолжена и траеше до крајот на октомври. Оваа зима нема да има затворање на хотели, нема ниту отпуштање на вработени од хотелско туристичкиот сектор. После успешната туристичка сезона се очекуваат поголеми инвестиции за подобрување на условите и понудата.
 |  инфодеск  | 

Топлото есенско време ја продолжи туристичката сезона на брегот на Охридското Езеро. Солидна исполнетост имаше заклучно до крајот на октомври, но и во ноември се очекуваат голем број семинари и конференции.

Хотелиерите оваа зима нема да стават клуч на врата,како претходните две години во пандемијата,  преодниот период до новогодишните празници, велат  ќе го искористат за инвестиции и подобрување на условите во сместувачките капацитети.  

„Се што е оштетено треба да се обнови, да се доградат некои нови, да се заменат стари работи.Видливо е дека после една ваква добра сезона за следната сезона ќе има видливи и позитивни промени во изгледот на објектите. Мора да вложуваат и да се менуваат работите на подобро”, вели Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.

Надвор од летната сезона нема да има отпуштање на вработени во хотелско  туристичкиот сектор, напротив и во зимскиот период ќе има и нови вработувања. Нема да има ниту намалување на платите.

„Платите се какви што се но се 12 месеци, тука имаме во предвид дека мораме да ги задржиме работниците дека тие добиваат средтсва, но знаете како ако имате една машина која работи 20% од времето нема да биде рентабилна треба да се најде работа како таа машина да исполни и да направи профит”, додава Блажески.

Охридско струшкиот регион, нема ски центри, но  има голем потенцијал за привлекување туристи и во  зимските месеци преку  културен, верски и планински туризам.

После успешната туристичка сезона се очекуваат поголеми инвестиции во хотелскиот сектор во охридско – струшкиот регион.

Новинар Соња Рилковска