Хотам сака соработка со стручните училишта
Хотелско -угостителскиот сектор е подготвен за соработка со државниот регионален центар за стручно образование „Ванчо Питошески“ од Охрид. За да се вклучат кадрите во работа во овој сектор треба да се стекнат со поголемо искуство и знаење. Учениците во стручните школи мора да имаат повеќе практична работа како што е тоа случај со учениците во западните земји, вели Крсте Блажески претседателот на Хотам. Учениците во тие земји 70% од учењето во угостителството го спроведуваат со практична работа во хотелите и рестораните, а 30 % во школските клупи. Кај нас учениците немаат интерес за стекнување повеќе практично искуство и немаат квалитетно знаење. За да се променат работите и да имаме квалитетен кадар сите треба да дадеме придонес, напоменува Блажески. Младите да добиваат некоја стимулација за да се обучат со практична работа во дејноста, но за да се реализира тоа треба да се вклучи и државата. Државата би требало да се откаже од давачките во угостителскиот сектор за да се обезбедат пари за обука на учениците во хотелско – туристичкиот сектор, додава Блажески.
„Зборуваме за придонеси. Од трошоците ако некој треба да добие 300 евра да нема трошоци од 150 евра. Студентот или ученикот да добива минимална плата, да кажеме да не е 20.000 денари туку 15.000 бидејќи тие учат да работат, не се подготвени за самостојно да ја извршуваат работа. Продуктивни се 50 посто од работното време и за тоа да се платени“, посочува Блажески.
Минатата година, во охридско- струшкиот регион се реализирал пилот проект на интернационалната организација за труд ILO и работодавачите од земјава кој дал позитивен ефект, кажува Блажески. Споделува дека со проектот биле опфатени 300 млади луѓе кои доаѓале на работа, а не на пракса.
„Тие за брзо време беа подготвени и одговорни за некој делови во работата, не целосно, но сепак деца од 16 -17 години беа подготвени да работат во угостителството“, раскажува Блажески .
Претседателот на Хотам за решавање на овој проблем со недостаток на стручни, млади кадри предлага решение во кое треба да се вклучат сите. Треба да се разгледаат проблемите заеднички, да се направат промени во школите и да се применуваат во пракса за да се видат резултатите за угостителскиот сектор за да добие квалитетен кадар, напоменува претседателот на Хотам.