Хотел кај Долни Сарај, винарија во Требеништа, храбри идеи презентирани низ кафе муабет
Архитектонска визија видена во добро друштво и шолја кафе. Студентите од Архитектонскиот факултет од Скопје ги претставија своите дипломски работи во кафе баровите Шила и Ликвид во Охрид.
Храбрата архитектонска визија и неконвенционалните идеи кога-тогаш излегуваат на површина. Од вчера, во двата охридски локали Шила и Ликвид, можете да видите педесетина такви архитектонски идеи. Студентите од генерацијата 2006 на Архитектонскиот факултет, на еден неформален начин ги изложија и прикажаа своите дипломски трудови пред охриѓани.
Злата Голабоска, која членува во Студентска архитектонска визија или СТАВ, а воедно и самата има изложено проект, појаснува зошто се одлучиле на ваков начин да ги прикажат нивните идеи.
„Поентата на оваа изложба е да ја покажеме нашата идеја и нашите дипломски проекти односно проектите на генерацијата запишана 2006та година на Архитектонскиот факултет во Скопје, да не останат само на хартија, да ги покажеме на сите што би биле заинтересирани. Одбравме отворањето на изложбата да биде малку поофицијално во Центарот на култура „Григор Прличев“, а потоа да добиеме некоја непосредност во два локала низ Охрид, кафе и разговор, може да се погледнат проектите тука.“-вели Злата Голабоска-член на „Студентска архитектонска визија.“
Помеѓу бројните архитектонски идеи, Голабоска појаснува дека има многу интересни објекти дел од кои се однесуваат и за охридско-струшкиот регион.
„Мислам дека најбројни беа проектите за облакодери во оваа изложба, се среќава и пренамена на индустриски објекти, постојни стратегии за Скопје кое се шири, мислам дека тоа е една од поинтересните теми, стратегија за обнова на македонски села, винарии, хотели, станбени згради. Конкретно постои проект за винарија во Требеништа, значи работиме на локации опипливи низ Македонија, реконструкција на село Модрич-Струшко, така ни се блиски тие локации до охриѓани, мислам дека е интересно да се види изложбата.“-рече Голабоска.
Таа вели дека проектите кои тие ги изложиле, не се само студентски идеи, туку и дека се архитектонски остварливи. Додава дека во сите проекти предвидено е работа со еколошки материјали и водена е грижа за енергетската ефикасност на објектите. Инаку изложбата на нивните идејни проекти можете да ја погледнете во кафе баровите Шила и Ликвид каде истите ќе бидат поставени се до 10 Август. По Охрид, изложените проекти патуваат за Струмица, а најавени се и изложби во Кавадарци, Битола и Тетово. Па напијте се едно кафе, и погледнете добри архитектонски идеи.
{loadposition content9}