Skip to main content

Култура

Хотел Радич најдобар документарец на Манаки

Автор на краткиот аматерски филм е охриѓанецот Љупчо Паункоски. Меѓународно жири го додели високото признание во силна конкуренција во категоријата кратки документарни, аматерски филмови.
 |  Валентина Неловска  | 

Документарниот филм „Охридските хотели и хотел Радич“ од Љупчо Паункоски е добитник на Првата награда и Гран при награда на Филмскиот фестивал Манаки. Наградениот филм е во категоријата краток документарен аматерски филм ,во период кога годинава се слави јубилеј 3 децении од постоењето на филмскиот фестивал Манаки. Меѓународно жири од 10 члена го додели ова високо признание во конкуренција од 40 меѓународни документарни филмови во оваа категорија. Охриѓанецот Паункоски ја споделува големата сатисфакција од наградата и високото признание кое ќе му биде врачено, вечерва, во Битола.

„Во документарецот е опишана историјата на хотелот Радич. Се зборува за неговата изградба, неговото постоење па се до неговото уривање некаде околу 60те години од минатиот век. Бев пријатно изненаден од наградата која ќе ми даде голем поттик понатака во мојата работа за да творам“.

Охрид има богата урбана историја и е непресушен извор со теми за снимање на документарни филмови, напоменува Паункоски. Открива која е темата за неговиот следен предизвик во изработка на нов документарец.

„Сакам да направам филм за Охрид во 60те години. Како живеел Охрид , каков бил градот, како живееле младите, каква музика слушале , кои групи музицирале, како функционирало корзото, а како дуќаните“, набројува Паункоски .

Љупчо Паункоски на годинешниот конкурс за краток документарен аматерски филм Манаки, покрај филмот за хотелот Радич, исто така учествувал и со документарец „Селци , Малесија“ за кој доби плакета. Паункоски, како голем вљубеник во документарните филмови досега има изработено 7 документарци на различни теми од градот и регионот.