Skip to main content

Охридско крајбрежје

Хотелите ќе стават клуч на врата доколку државата не помогне

Над 1 500 вработени во големите хотелски капацитети на брегот на Охридското Езеро може да останат без работа. Доколку нема помош од државата, под притисок на инфлацијата, енергетската криза и високите трошоци, хотелските капацитети ќе бидат принудени да стават клуч на врата.
 |  инфодеск  | 
Охрид градба езеро

Доколку нема помош од државата поголемиот број хотели, кои се на слободниот пазар на електрична енергија ќе бидат принудени да стават клуч на врата. Големите хотелски капацитети плаќаат поголеми даноци и се најголемите работодавци во туристичката индустрија, а за нив досега не е предвидена никаква помош.

Без конкретна финансиска помош, поддршка за плати или субвенционирана електрична енергија околу 1500 луѓе вработени на брегот на Охридското Езеро може да останат без работа, вели првиот човек на хотелската асоцијација Крсте Блажески.

Викаат дека даваат помош за сите, всушност не е тоа за сите тоа е само за малите и средните претпријатија, а најголемиот број на вработените се во големите капацитети. Значи ние проблемот не го решивме. Најголеми даночни обврзници во државата се големите фирми – вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.

Крсте Блажески

Под притисок на инфлацијата, енергетската криза и високите трошоци хотелските капацитети во земјава нема да бидат конкурентни на пазарот во регионот, наспроти нивните колеги во земјите каде добиваат субвенционирана електрична енергија.

Ако еден хотел во Србија плаќа 12 ден киловат час струја, а истиот таков хотел во Македонија треба да плати 35 денари разликата е огромна и не сме конкурентни, не можеме да ги привлечеме тие гости што ги очекуваме – додава Блажески.

Хотелската асоцијација најави дека деновиве ќе поднесе и официјално барање за помош од државата.

Новинар : Соња Рилковска