Хотелските капацитети исполнети за новогодишните и божиќните празници
Хотелските капацитети исполнети за новогодишните и божиќните празници. Хотелиерите задоволни, но велат дека ваквата слика е само од времен карактер. Треба да се поработи уште за Охрид да има и зимска туристичка сезона.
Хотелиерите задоволни како изминаа новогодишните и божиќните празници. Нивните капацитети биле исполнети и до 90%. Гости имало најчесто од соседните држави, а најбројни и овојпат биле оние од Србија.
Минатава нова година, почнувајќи од 24ти декември кога почнаа да доаѓаат гости за католички божиќ во Охрид навистина можеше да се забележи една поголема раздвиженост, посебно за новогодишните празници па и за православниов божиќ па хотелите беа многу добро исполнети, но не можеме да кажеме дека се работи за некаква зимска туристичка сезона, вели Крсте Блажески-претседателот на ХОТАМ.
Блажески објаснува дека барем еден месец во континуитет треба да има гости во градов за да кажеме дека имаме и зимска сезона. За да се реализира ваквата долгогодишна интенција на туристичките работници и да имаме сезона речиси во текот на цела година треба да се инвестира во хотелските објекти.
Затоа препорачуваме да почнат да размислуваат барем големите хотели да имаат велнес центри кои би привлекле гости и во зимскиот период и градот би бил полн еден подолг период. Тогаш ќе може да се зборува и за еден зимски туризам, објаснува Блажески.
Блажески вели дека и моменталната состојба со загадениот воздух во некои градови од државава, но и во околните држави треба да се искористи и да се направи една добра понуда на општо задоволство и на хотелиерите и на гостите од овие градови кои ќе можат барем на неколку дена да дојдат и да уживаат во убавините на Охрид и во чистиот воздух.
Инаку, во текот на овој месец следуваат уште два поголеми христијански празници. Тоа е Василица и Водици кога повторно се очекува градов да биде посетен од поголем број гости. Хотелиерите велат дека најчесто тогаш гостите се домашни, но со добра понуда и цени можеме и тоа како да станеме привлечна дестинација и за странците, посебно оние кои сакаат верски туризам за што нашиот град има идеални услови.