Таеквон-до клубот „ХВА РАНГ ИТФ” Лескоец учествуваше на најсилниот А класа меѓународен Таеквон-до ИТФ натпревар „Бугарија Опен 2022” кој се одржа во Пловдив. На овој престижен натпревар учествуваа над 540 натпреварувачи од 59 клубови од 14 земји од Европа. „ХВА РАНГ ИТФ“ учествуваше со 8 натпреварувачи.
Традиционално на овој престижен натпревар, сите кои се во можност ги носат своите најдобри поединци, за да ги тестираат и да ги припремат за наредното Европско Првенство кое ќе се одржи во Римини, Италија.
Слободно можеме да кажеме дека бевме скептични дека ќе успееме да освоиме некој медал, знаејќи за огромната конкуренција, а претходно нашите натпреварувачи кои учествуваа на 3 последователни натпревари за нецел месец, беа видно исцрпени, но како и секој пат, така и сега дадоа се од себе освојувајќи 5 медали, од кои 1 златен, 1 сребрен и 3 бронзени медали. Христијана Парулеска со 4 победи успеа да се качи повторно највисоко на пиедесталот, додека во форми беше оштетена од судиите освојувајќи бронзен медал. Елена Јанеска, која имаше висока температура, треска и настинка, не дозволи да го откажеме нејзиното учество, туку херојски даде се од себе стигнувајќи макотрпно до финале, иако изнемоштена, многу тесно загуби од репрезентативката на Естонија, освојувајќи сребрен медал. Давид Крстески за жал беше оштетен од судиите во двете дисциплини, каде освои бронзен медал во форми. Со ова нашите најдобри натпреварувачи повторно направија да се гордееме со нив, и дека се спремни за наредното Европско првенство– истакна Марјанчо Лазаревски кој користи прилика да изрази најголема благодарност до генералниот спонзор „ПН МЕТАЛ” , кој и овој пат е најзаслужен за нивниот успех.