Skip to main content

Хуманост, забава, подароци и изненадувања утре на настанот „За посреќно детство“

Утре на градскиот плоштад и на кеј Македонија ќе биде разиграно во духот на хуманоста и здравите животни навики на 16тата по ред хуманитарна акција За посреќно детство. Црвен крст Охрид и Стоматолошки центар Баткоски и годинава, на задоволство на најмладите охриѓанчиња, подготвија низа забавни содржини, подароци, награди и изненадувања. Прибраните средства од акцијата се наменети за деца од социјално загрозени семејства од Охрид и Дебрца.
 |  Маја Савиќ  | 

На задоволство на најмладите охриѓанчиња утре ќе се одржи традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“ во организација на Црвен крст Охрид во соработка со Стоматолошки центар д-р Баткоски.

Настанот ќе започне со „главна трка“ на младите чиј старт ќе биде во 11 ч. од Кеј Македонија-пред х. Палас до Центарот за култура, а потоа на плоштад ќе продолжат низа спортски и забавни содржини.

„Ќе има повеќе активности како ракомет, фудбал, јаже, хулахоп, пикадо и тн. Ќе можат да се вклучат сите со купување на учеснички број со кој дечињата ќе можат да си остварат и право на подарок од Стоматолошки центар д-р Баткоски. Сакам да нагласам дека собраните средства од овие учеснички броеви ќе бидат наменети повторно за најмалите, за дечињата од социјално загрозени семејства во општините Охрид и Дебрца.“ – изјава Мимоза Ставрева, Секретар на ОО Црвен Крст Охрид.

Традиционалниот партнер на акцијата „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“, Стоматолошкиот Центар Д-р Баткоски и оваа година со своите стручни тимови ќе дели бесплатни совети и препораки за правилна грижа и заштита на здравјето на устата и забите кај децата и возрасните. Подготвивме и многу изненадувања за дечињата за да им создадеме убави и весели спомени, вели стоматологот д-р Котевска

„Тимовите на ординацијата „Стоматолошки центар д-р Баткоски“ ќе бидат задолжени за многу содржини од здравствено едукативен карактер, потпомогнати од нашите спонзори Curaprox, Mustela, Hemofarm и Replek. Ќе има многу забава, изненадувања, подароци и за дечињата нивните омилени ликови Стела и Сани. “ – кажа д-р Наташа Котевска.

Продажбата на учесничките талончиња по цена од симболични 50 денари е во тек преку волонтерите на Црвен Крст на повеќе пунктови во градот, а ќе бидат достапни и утре на самиот настан. Секој кој ќе купи учеснички број станува потенцијален добитник во големата наградна игра со преку 20 вредни награди меѓу кои четиридневен престој во Суботица, тридневен престој во Ужице, викенд во Крушево, компјутерска галантерија и многу други. Извлекувањето на наградите ќе биде во живо, а датумиот дополнително ќе биде објавен.