Skip to main content

И охридската болница вклучена во новата мерка на Владата за модернизација на здравствотo

Лапараскоп за гинеколошки операции, апарат за ехографија 4д, со кардиолошка сонда, сонда за периферни структури и сонда за ехо на абдомен, ресектоскопи, се само дел од 50 те нови медицински апарати со кои треба да се поднови општа болница Охрид. Тоа ќе значи воведување на нови медицински методологии, така што охриѓани нема да бидат приморани да одат во другите градови за неопходната медицинска заштита, вели првиот човек на установата д-р Љубен Арнаудов.

 |  Николоска Биљана  | 

 

50 медицински апарати и друга опрема во вредност од 705 520 евра треба да добие Охридската општа болница. Ова доаѓа по најавата на претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, дека ќе се набави медицинска опрема за секоја јавна здравствена установа во државата во вкупна вредност од 33 милиони евра. Денеска, директорот на општа болница, Љубен Арнаудов обелодени список со кои точно апарати и опрема ќе се подновува охридската болница. Директорот посебно издвои неколку апарати кои се од исклучителна важност за болницата меѓу кои лапараскопот за гинеколошки операции.

„Ние со тие хируршки лапараскопи кои ги имаме сме спремни во тек на наредната недела да ја направиме првата интервентна гинеколошка лапараскопија. Во болницата години се правеше лапараскопија но дијагностичка. Значи жените кои имаат вон матерична бременост и цисти не мора да одат во други градови или оперативно да завршуваат овие работи, ќе можат тука да прават“.

Арнаудов ги издвои како позначајни и апаратот за ехографија со две сонди, ресектоскопи во вредност од 70.000 евра, хируршките инструменти за гинеколошки операции во вредност од 60.000 евра. Но при тоа нагласи дека новите апарати повлекуваат и вработување на нови кадри.

„За градот најважна е хирургијата, тука имаме нови операциони сали ново одделение се направи по највисоките стандарди, имаме 7 лекари 2 се на специјализација во Белград, донесовме и еден добро афирмиран хирург, Мирко Лекоски, кој веќе еден месец работи во болницата така што проблемот е надминат и по 4-5 операции дневно се прават во болницата

Арнаудов смета дека со набавка на новите апарати, не само што ќе се модернизираат одделенијата, туку ќе бидат отстранати старите апарати. Според него она што е уште поважнно, некои од апаратите се вклопувале во развојната политика на болницата и во иднина ќе се воведуваат нови медицински методологии со цел охриѓани што помалку да одат во други градови за обезбедување на здравствена заштита. Инаку после најавата на лидерот на ВМРО ДПМНЕ за новата мерка со која ќе се набават 3.700 апарати наменети за повеќе од сто јавни здравствени установи во државата, останува прашањето во колкав временски период би се реализирала една ваква мерка за повеќе од потребната модернизација на здравството.