Избрано најдоброто идејно решение за Младинскиот културен центар во Охрид

Коалицијата на младински организации СЕГА ги објави резултатите од конкурсот за избор на најдобро идејно архитектонско решение за реконструкција и адаптација на поранешната менза во рамките на касарната „Михајло Апостолски“ во современ Младински културен центар во Охрид.
Конкурсот беше реализиран во рамките на Програмата на Младински центар Охрид 2025–2026, со финансиска поддршка од Општина Охрид, а целта е избраното решение да послужи како основа за изработка на основниот проект и идната реконструкција на објектот.
Стручната комисија ги избра трите најуспешни труда:
- Прва награда (220.000 денари) – Дарко Христов и Тамара Џерков, со соработниците Анастасија Ташковиќ, Симона Радичевска и Горазд Коцев.
- Втора награда (120.000 денари) – Марија Милошевска и Бојана Исијанин.
- Трета награда (60.000 денари) – Јована Нецева, Бранкица Митевска и Марија Трајковска.
Од Коалицијата СЕГА посочуваат дека со реализацијата на проектот Охрид ќе добие современ простор наменет за културни, едукативни, уметнички и младински активности, кој ќе го поттикнува активното учество и креативноста на младите.
Свечената промоција на наградените идејни решенија и доделувањето на наградите ќе се одржат во август 2026 година, во рамките на програмата „Недела на млади“, со која традиционално се одбележува Меѓународниот ден на младите – 12 Август.







