Игор ниту може сам да се грижи за себе, ниту институција го згрижува
Игор е млад човек со епилепсија и психички проблеми кој остана сам откако во понеделникот починала мајка му. Соседите во станбената зграда се загрижени за момчето, за кое велат дека не е во состојба да се грижи за себе и апелираат до надлежните да му се помогне. На семејството досега му помагал куќен пријател Борис Балоски кој по смртта на мајката се обратил до низа институции со барање некој да се погрижи за Игор.
„ Сакав да помогнам од хумани побуди. Помогнав околу погребот на мајка му. Само двајца бевме на погребот. Дали со него да се справам или жената да ја погребувам. Никој жив човек, ни од државава, ниту институција не се појавени. И во полиција, во болница и во Центар за социјални грижи, во општина, секаде барав помош, никој како да не е надлежен за случајов. Детево е оставено на улица. За кучиња се згрижуваат, за луѓево на улица оставени. Прима и лекарства кои треба да ги пие на време. Детево не е за само да живее, а каде и како, не сум надлежен. „- вели Балоски.
Младиот човек има стан и право да ja наследи пензијата од неговата покојна мајка, но не е способен да живее сам, вели Балоски и посочува дека Игор нема лична карта, не може сам да си купува храна. Додава дека дури и кога тој ќе му однесе храна Игор не јаде , бара само цигари и кафе, удирал по предметите, бил нервозен и викал. Комшиите во зградата велат дека за три години откако се доселил со мајката, него не го виделе да излезе надвор од станот. Додаваат дека момчето покажува знаци на агресивност, се слуша викање и стравуваат дека со своите постапки може да предизвика опасност за себе и за околинита.
„Не може да живее сам. Тој не излегува од дома. Мајка му пазареше и носеше се. “ – вели една сосетка.
„ Да бидит сместено детево некаде, бидејќи треба некој да се грижи за него, за храна, за облека.“ – вели сосед на Игор.
„ Стравуваме затоа што имаме малечки дечиња што одат на училиште и се враќаат. Вчера ги испраќавме и ги пречекувавме. Јас две години не го имав видено човеков.“ – вели станарка во зградата.
Од Центарот за социјални работи Охрид негираат дека никој не реагирал во врска со овој случај. Оттаму велат дека уште додека мајката била жива и на болничко лекување, Игор бил однесен на Одделението за невропсихијатрија при Oпшта болница Охрид. Докторите оцениле дека Игор не е агресивен поради што не може да биде сместен во институција, вели директорот на Центарот за социјални работи.
„ Конкретното лице не е лице во социјален ризик, нема елементи на семејно насилство, има сопствен стан, не е дете на улица, не е старо лице, не е корисник на Центарот за социјална работа. Центарот не се амнестира од одговорност понатаму во овој случај доколку треба да му се постави старател и слично, но во секој случај наш став е дека треба целиот процес да започне од здравствените иснтитуции, да се направи проценка на лицето и понатаму да се делува, дали да се смести во соодветна институција бидејќи на ова лице му е потребна нега.“ – вели Игор Еленчески – директор на Центар за социјални работи Охрид.
Од Општа болница Охрид велат дека Игор Трајчески бил прегледан и било утврдено дека тој не може самостојно да функционира поради што му е потребна асистенција од социјален работник додека не се смести во соодветна институција.