Skip to main content

Започна Илинденскиот продолжен викенд во Охрид, се очекува голема посетеност и исполнети капацитети

Во најфреквентниот туристички викенд од летната сезона, локалната самоуправа и полицијата најавуваат засилен ангажман за безбедност, јавен ред и непречено функционирање на градот, кој очекува илјадници гости од земјава и странство.
 |  инфодеск  | 

Илинденскиот празничен викенд традиционално го означува шпицот на туристичката сезона во Охрид. Во градот веќе пристигнуваат гости од земјава и странство, а туристичките работници очекуваат исполнети капацитети до последно место  и рекордна посетеност во наредните денови.
Најбројни се младите од сите делови на Македонија, кои Охрид го избираат за неколкудневен одмор и забава. Клубовите, дискотеките и угостителските објекти подготвуваат музички програми до доцна во ноќта, додека на летните сцени се одржуваат бројни  концерти и културни настани.

Во најфреквентниот викенд од летната сезона, локалната самоуправа уверува дека сите надлежни служби се целосно подготвени за пречекот на туристите.

„Уште од вчера, а особено денес, забележливи се сериозни проблеми во сообраќајот, што значи дека голем број туристи веќе пристигнаа. За претстојниот викенд, но и за први, втори август и останатите денови, кои традиционално се најфреквентни и најпосетени, се очекува уште поголем број гости. Сите служби се максимално подготвени – полицијата ќе се грижи за безбедноста, а јавните претпријатија и службите под надлежност на локалната самоуправа ќе бидат целосно ангажирани”, изјави Кирил Пецаков градоначалник на Охрид.

За одржување на јавниот ред и мир и безбедноста на туристите  ангажирани се  зголемен број полициски службеници. На  терен работат и полицајци  од други градови, како и нивни колеги од Србија, кои и ова лето ќе бидат дел од заедничките патроли.

„Нивното присуство ќе биде прилагодено на активностите што ќе се одвиваат на терен и на местата каде што има поголема фреквенција на луѓе. Тоа се централното градско подрачје во текот на целиот ден, плажите, дел од приградските населби, паркинг-просторите, како и локациите каде што се најавени концерти. Ова лето во Охрид ќе се одржат бројни концерти и токму таму ќе биде засилено нивното присуство”, изјави Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид

Од Хотам велат треба да се работи на продолжување на туристичката сезона.

„Работиме континуирано на продолжување на сезоната. Пред неколку години највисоката туристичка сезона траеше околу 70 до 90 дена. Но, од 2011 година, со доаѓањето на холандските гости, сезоната почна да се продолжува. Така, имаме добра посетеност уште од мај, па преку јуни, јули, август и септември, сѐ до 10 или 15 октомври.Треба да продолжиме да работиме на привлекување разновидни пазари, односно да носиме гости од земјите на Западна Европа, но и од регионот.“ – вели  Крсте Блажески претсдетел ХОТАМ.

Од ХОТАМ велат потребно е збогатување на понудата за задржување на туристите.


„Туристичката понуда мора да биде разновидна и постојано да се збогатува. Високата сезона е едно, но многу повеќе треба да работиме на понудата во претсезоната и постсезоната, кога треба да бидеме поотворени и покреативни.Тоа го потврдија и германските туристи што ги имавме во изминатите две години, токму во зимскиот период, надвор од главната сезона. Тие донесоа значителен број ноќевања, а воедно открија и други содржини и убавини што дестинацијата може да им ги понуди на посетителите.“- вели  Блажески.

Туристичкиот сектор очекува високата посетеност да продолжи и по празниците, бидејќи првата половина од август традиционално е најсилниот период од летната сезона.