Имаме доволен број сточни кланици
Домашните кланици извезуваат безбедно јагнешко месо. Во земјава има поголем број на кланици за сточен добиток, но активни се четири за колење на јагнињата, информира Николче Бабовски, директорот на Агенцијата за храна и ветерина. Оваа година, нашите трговци немаа проблем со пласманот на јагнешкото месо па Mакедонското јагне во најголем дел заврши на пазарите во Италија и Хрватска.
„Има доволен број на кланици за сточен добиток во земјава. Тие можe да ги задоволат домашните потреби. Но, има кланици кои имаат Eвропско бројче и може да вршат извоз во земјите од Европската унија. Евидентно е до пред некој ден бројката стигна до 140.000 јагниња извезени на Западниот пазар“– кажа Бабовски.
На контрола од ветеринарните инспектори не подлежат само кланиците за стока туку и домашните живинарски фарми кои го снабдуваат пазарот со јајца, напоменува Бабовски.
„Со живината имаме стабилна состојба. Имавме исклучок на двата случаи во месец февруари, кога беа појавени пцовисани диви птици од птичји грип, но сега нема појава на нови случаи“– вели Бабовски.
Јагнешкото месо и јајцата се задолжителен дел од трпезата за Велигденските празници. Овие прехранбени производи, како и останатите, подлежат на строги контроли од ветеринарните инспектори. АХВ врши надзор над операторите со храна и во однос на исполнување на општите и посебните услови за безбедност на храната и за заштита на правата на потрошувачите. До Одделението за заштита на потрошувачите, минатата година, биле поднесени вкупно 418 претставки. Како небезбедни, поради несоодветно означување нештетно биле уништени вкупно 51,5 килограми храна.
Лани, биле спроведени близу 50 илјади инспекциски контроли. При тоа констатирани биле 69 неправилности во однос на несоодветна и нецелосна декларација на производите со што потрошувачите биле доведени во заблуда. Изречени биле осум забрани за пуштање во промет на храна, 35 наредби за отстранување на утврдените недоследности со контролите, осум наредби за повлекување и отповикување на производи. 12 наредби се однесувале за уништување на храна, а изречени биле четири опомени, информираат од АХВ.