Вчера во 86-тата година од животот почина еден од доајените на охридското здравство, д-р Верољуб Василевски -Љупчо.
Д-р Василевски е роден во 1938 во Белград. Завршил Медицински факултет на Универзитетот Св Кирил и Методиј во Скопје. Специјализирал интерна медицина во клинички центар во Белград каде ја завршил и својата субспецијализација под менторство на проф. Исидор Папо.
По завршување на образованието се вработува во Медицинскиот центар во Охрид кој подоцна прераснува во Општа болница. Д-р Верољуб Василевски во период од 3 мандати ја извршуваше функцијата директор на Медицински центар Охрид, во кој период ја остварува желбата и идејата за оформување на Кардиолошкиот завод кој денес важи за врвна медицинска институција Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања – Охрид.
Како голем филантроп и хуманист долги години беше и претседател на Црвен крст со бројни хуманитарни акции. Беше активен и хуман до последните мигови од својот живот, со желба да помогне на сите на кои им е потребна помош и поддршка.
Д-р Верољуб Василевски ќе биде погребан на градските гробишта во Охрид утре во 11:30ч.