Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Македонија, Љупчо Јаневски, зеде учество на работните средби во Белград, во рамките на Конференцијата „Нови идеи за ново време”.
Конференцијата е организирана од Министерството за трговија, туризам и телекомуникации на Србија, за заедничко дефинирање на стратегијата и начинот на претставување на регионалниот туристички потенцијал, како надополнување на иницијативата „Отворен Балкан”.
Јаневски денеска оствари состанок со државниот секретар Жикица Несторовиќ при Министерство за трговија, туризам и телекомуникации на Република Србија и Бошко Рупиќ, комерцијален директор на „Air Serbia”.
Фокусот на дискусијата беше воведување на авиолинија на релација Белград-Охрид која би оперирала два пати неделно и би имала сезонски карактер.
Ова е поткрепено со одличните статистички показатели за раст на бројот на српски туристи и тоа за повеќе од 500% во 2021 година споредбено со 2022г. Раст од 100% во бројот на туристи од Србија кој го посетиле Охрид е забележан и во првиот квартал од 2022 години споредбено со 2021, исто така и остварените ноќевања се со значителен раст – изјави Јаневски.
Директорот Јаневски дополни дека регионалната соработка е предуслов за развој на туристичката индустрија, а со иницијативата „Отворен Балкан”, се поместуваат границите и истата станува дестинација од 15 милиони домашни туристи која е сериозна можност за инвестиции.
Туризмот треба да се перцепира и како генератор на воспоставување доверба, соработка, економско закрепнување и добрососедски односи во регионот.